За Преспанскиот договор сум рекол повеќе пати, па ќе повторам, дека тој е дел од уставниот и правниот поредок на државата и дека новата македонска Влада ќе го почитува. Но Договорот за добрососедство со Бугарија веќе еднаш беше променет со додавањето на францускиот предлог и не гледам причина зошто повторно не може да се репреговара.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски како одговор на изјавите на амбасадорката Агелер која порача дека не е можно повторно преговорање ниту со Бугарија, ниту со Грција на патот на земјата кон ЕУ. Според Мицкоски нема ограничување на правата на Бугарите во Македонија, туку напротив – нарушени се правата на Македонците во Бугарија, за што доказ се 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Порача дека наместо политика со двојни стандарди потребен е реципроцитет во односите со Бугарија.
– Ако можел Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде таканаречениот француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде некој „француски предлог плус“ или некој друг предлог што ќе ги опфати барањата кои ги има македонскиот народ и Македонците во Бугарија. Ако ја погледнете денас ситуацијата на пример или семафорот, да се изразам спортски, ќе видите резултат 14:0, одоносно имате 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија, чии што права се или ограничени или нарушени и нула за бугарската зедница во Македонија, посочи премиерот.
За напредок на односите со Бугарија, Мицкоски побара официјална Софија да покаже добра волја а не политики од средниот век.
Македонско бугарските односи се на најниската линија во последните неколку години.
Евроамбасадорот Гир: Не може преотворање на преговарачката рамка
На ист став со американската амбасадорка е и евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, кој кратко по изјавата на Мицкоски порача дека преговарачката рамка сепак, не може да се менува.
– Мислам дека отсекогаш сум бил јасен за ова. Овој договор што беше постигнат во јули 2022 година резултираше со отворање на пристапните преговори и скрининг процесoт. Не гледам можност за промена на преговарачката рамка, а тој став е непроменет по изборите, порача Гир по средбата со новиот министер за европски интеграции, Орхан Муртезани.
– Доброто е што никој нема дилеми за зачленувањето на земјата во ЕУ и евроатлантскиот пат. Тоа што го забавува е Протоколот којшто извира од Преговарачката рамка. Секако дека во блиски преговори и разговори со ЕУ и со Владата ќе видиме кое е најдоброто решение, без притоа да создаваме проблеми на патот на евроинтеграциите, кажа Муртезани.
Инаку Муртезани на своето прво официјално појавување како министер направи и лапсус именувајќи го евроамбасадорот Дејвид Гир како Ричард Гир (холивидскиот актер), на што евроамбасадорот возврати дека на тоа гледа како на комплимент.