Се уште не е познато кога точно првите луѓе на најголемите политички партии ќе седнат на иста маса да дебатираат околу најгорливото политичко прашање – уставните измени. Од двете страни потврдуваат само дека средбата треба да се случи деновиве, но не се знае ниту каде, ниту во кој формат ќе се состанат. Во интервју за емисијата “360 степени“ на ТВ “АлсатМ“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека преферира тет-а-тет средба, бидејќи праксата во минатото покажала оти во поширок состав разговорите не вродиле со плод и биле бесцелни.
– Јас ќе му кажам дека уставни измени во овој состав на Собранието нема да има. Ќе треба да решиме што понатаму во државата. Ние сме убедени дека на следните избори, биле тие предвремени или редовни, следната власт ќе биде раководена од ВМРО-ДПМНЕ. Инаку да ви кажам на тие тимски лидерски средби никогаш не се носеле заклучоци. Тоа е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема. Ние ќе си кажеме што имаме, тие ќе си го кажат нивното и стануваме, излегуваме пред новинарите, даваме изјави и, практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Моето искуство со Ковачевски е дека ќе дојде, ќе прочита тоа што има напишано на неколку листови хартија и толку. Нема дебата, нема договор, кажа лидерот на опозицијата. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно од лидерска средба да излеземе со некаков заклучок, рече Мицкоски.
Кажа дека првите неофицијални контакти биле да биде тоа лице-в-лице средба, но потоа дошла промена во ставот од СДСМ и предложиле таа да биде тимска. А целта на оваа средба што ја свикува премиерот Димитар Ковачевски е обидот да се убеди опозицијата да гласа за уставните измени.
„Христијан Мицкоски е поканет на исклучително важна средба на која ќе се разговара за иднината на државата. Тоа не е приватна средба. Меѓутоа, доколку тој нема доверба во раководството на својата партија, оставаме самиот да одлучи – дали ќе дојде сам или со дел од раководството на партијата, бидејќи ние не сакаме да се мешаме во внатрепартиските односи на ВМРО-ДПМНЕ“ – одговорија од владејачката СДСМ. Оттаму велат дека од исходот на лидерската средба ќе стане јасно дали ВМРО-ДПМНЕ е за европската иднина или за изолација на Македонија. Друга опција освен продолжување на преговорите преку промена на уставот, според СДСМ нема.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека владејачката партија се однесува детски и недораснато, и повторија дека освен преку медиумите, официјална покана досега не добиле.
„Премиерот Ковачевски не го пуштаат сам да оди на лидерска средба поради две причини – првата е поради тоа што Али Ахмети не му дава и се чувствува запоставен, а втората е зашто раководството на СДС нема доверба во Ковачевски“ – коментираа од опозициската партија.
Ова ќе биде втора средба на Ковачевски и Мицкоски за темата промена на уставот, откако лани во ноември на лидерска сите парламентарни партии ги соочија аргументите во Собранието, но не беше постигнат никаков договор.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, претходно во интервју за ТВ “Канал 5“ рече дека од неговиот кабинет веќе ја испратиле поканата за лидерска средба со Мицкоски и најави дека ќе се разговара за две теми – една се уставните измени, а друга односите со соседите и пристапот кој треба да го имаме како држава во однос на градење добрососедство.
На прашање дали ќе има брзи избори ако не успеат уставните измени, Ковачевски повтори дека изборите ќе се случат во редовен термин во 2024 година – во март претседателски, а во јуни парламентарни.
Доколку не успеат уставни измени, потенцираше тој, ќе следи изолација.
На прашањето „дали е сè уште жива идејата за предвремени избори по кои би се формирала широка влада“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за “360 степени“ кажа дека тој е за влада во која „ќе имаме едно широко македонско национално единство“, бидејќи во овој момент имаме влада во која има сè, само нема македонско единство.
А каква ќе биде следната влада, вели Мицкоски, зависи од резултатот на изборите по кои ќе се прават калкулации и ќе се зборува за политики.
– Јас сум за влада во која ќе имаме едно широко македонско национално единство бидејќи сега сме со влада во која има сè, само нема македонско единство. Имаме премиер што нема народен легитимитет, имаме македонска, условно кажано, политичка партија којашто е малцински потчинет партнер, односно во заложништво на оние кои вистински управуваат, рече Мицкоски.
Прашан дали тоа значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ плус СДСМ минус ДУИ“, тој вели дека тоа ќе го одредат граѓаните на изборите, но доколку се прашува ВМРО-ДПМНЕ, редно време е после 20 години, ДУИ да помине одреден период во опозиција. Тој не е убеден дека ДУИ ќе победи кај етничките Албанци, според бројките со кои располагаат во ВМРО-ДПМНЕ.