На 24-ти мај, денот посветен на просветителите Светите Кирил и Методиј, Македонското културно-уметничко друштво „Јане Сандански“ од Мелбурн, Викторија, го одржа својот втор по ред традиционален ручек за дамите од македонската заедница. Прекрасниот амбиент на Windmill Gardens Reception во Бони Брук беше исполнет со гордост, убавина и силна порака за зачувување на македонските корени.

Овогодинешната манифестација имаше благородна и хуманитарна цел – да се помогне во набавката на нови народни носии за членовите на ова реномирано друштво, кое незапирливо расте и оваа година брои повеќе од 220 активни членови.
На свечениот ручек присуствуваа истакнати гости од јавниот и дипломатскиот живот на заедницата. Меѓу нив беше претставничката од Генералниот конзулат на Република Македонија во Мелбурн, госпоѓица Силвана Ивановска, која ги поздрави присутните со пофални зборови за сплотеноста и заедништвото што Македонците во дијаспората континуирано го негуваат.
Свое обраќање имаше и долгогодишната учителка по македонски јазик, госпоѓа Весна Дамчевска. Таа на инспиративен начин ја претстави епохалната важност на македонскиот јазик и кирилското писмо, потсетувајќи на делото на Светите Кирил и Методиј и потребата од одржување на македонската традиција во Австралија и пошироко.
За беспрекорната организација, пријатната атмосфера и топлиот пречекот се погрижи Женската организација при МКУД „Јане Сандански“, предводена од вредните дами: Елизабет Нечовски, Снежана Бановски, Сузи Гулевски, Лидија Панева и Гордана Георгиев.
Тие успеаја на едно место да обединат успешни, амбициозни и креативни жени кои несебично споделија идеи, животни искуства и огромна позитивна енергија. Преку искрени разговори и нови познанства, овој настан уште еднаш покажа колку се важни меѓусебната женска поддршка и поврзаноста во македонската заедница. За дополнителна возбуда на настанот придонесе и богатата лотарија, овозможена благодарение на донациите од многубројните спонзори.
Кулминација на настанот беше доделувањето на посебни благодарници на две дами кои оставиле траен белег во друштвото: Снежана Талевска (сопруга на починатиот долгогодишен екс-секретар Здравко Талевски) и Славка Нечовска.
Овие две дами добија длабок поклон и признание од заедницата за нивната долгогодишна, неуморна помош при рачната изработка и одржувањето на народните носии за играорците.
„Насмевките, инспиративните приказни и прекрасната кохезија го направија овој ручек многу повеќе од обичен настан — ова беше вистинско славење на женската енергија, солидарност и македонското заедништво во Мелбурн“, споделија емотивно од раководството на друштвото.