Играорците од Австралија се вратија во земјата на своите предци и приредија вистински фолклорен спектакл, покажувајќи како македонската традиција се чува и се пренесува и на илјадници километри оддалеченост од татковината
Македонските културно-уметнички друштва од Австралија деновиве престојуваат во Македонија, каде што преку настапи и непосредни средби со институциите од областа на културата ја зацврстуваат врската со татковината и со македонското културно наследство. Турнејата, која се реализира во соработка со Националната агенција за иселеништво, претставува уште една потврда за виталноста на македонскиот фолклор меѓу иселеништвото и неговото успешно пренесување на новите генерации.Во Македонија гостуваат Македонското културно-уметничко друштво „Светлост“ и МКУД „Гоце Делчев“ од Мелбурн, како и МКУД „Македонски бисери“ од Волонгонг.

Во наредните денови тие ќе настапуваат во Скопје, Крушево, Велес, Битола и Охрид со репертоар составен од изворни македонски ора и песни, претставувајќи го богатството на македонската фолклорна традиција што со децении се негува и надвор од границите на државата.МКУД „Светлост“ е првото македонско културно-уметничко друштво во Австралија, основано во 1960 година од Ристо и Ана Василеви. Со повеќе од шест децении постоење, прерасна во еден од најзначајните носители на македонската култура на австралискиот континент, а денес обединува околу 100 играорци од различни генерации.МКУД „Гоце Делчев“ од Мелбурн веќе 37 години успешно ја продолжува истата мисија – зачувување и афирмација на македонската традиција преку фолклорот.
Со своите настапи во Македонија, членовите на друштвото уште еднаш ја потврдуваат силната поврзаност на иселеништвото со земјата на своите предци.Значајно место во турнејата има и МКУД „Македонски бисери“ од Волонгонг, основано во 2014 година. Друштвото денес работи со деца и млади, најголем дел Македонци од втора, трета и четврта генерација, кои преку фолклорот, музиката и изучувањето на македонскиот јазик го зачувуваат својот национален и културен идентитет.Особено впечатлива беше посетата на младите играорци од МКУД „Светлост“ на Националниот ансамбл „Танец“.
Тие имаа можност да ја проследат пробата на ансамблот, да се сретнат и да разговараат со музичарите и солистите, како и да присуствуваат на стручна презентација посветена на македонските народни носии. На презентацијата беа запознаени со начинот на нивното правилно чување, одржување и облекување, стекнувајќи нови сознанија за едно од највредните богатства на македонската традициска култура.За најмладите членови на друштвата, родени и израснати во Австралија, оваа посета претставува многу повеќе од обична турнеја.
Таа е можност непосредно да ја доживеат Македонија, да ги запознаат нејзините културни вредности и да ја почувствуваат магијата на земјата чие наследство со гордост го чуваат и го претставуваат далеку од својата татковина.