Минатиот вторник, МЛД „Кочо Рацин“ од Мелбурн го одбележа Денот на македонскиот јазик со литературно читање и изложба на книги на македонски јазик.
Настанот беше збогатен со настап на играорки облечени во македонски народни носии, кои изведоа неколку традиционални ора.
Претседателката на друштвото, Гордана Димовска, во своето обраќање истакна дека македонскиот јазик е темел на македонскиот идентитет и национално богатство што го определува народот со сопствена историја и култура.
„Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку наша духовна и национална вредност. Ние во МЛД ‘Кочо Рацин’ ќе продолжиме да го негуваме преку литературно творештво, читања, саеми и промоции на нови дела на македонски јазик“, рече Димовска.
Таа потсети и на зборовите на патронот на друштвото, Коста Солев Рацин:
„Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата.“
Во обраќањето беше нагласено и значењето на стихозбирката „Бели мугри“, како симбол на борбата за афирмација на македонскиот јазик и идентитет.
„Само преку мајчиниот јазик човек најдобро се изразува. Тој е светлина што ги поврзува детството, мајката и родното огниште“, беше истакнато на настанот.
На крајот, присутните си го честитаа Денот на македонскиот јазик, македонската азбука и писмо.