МПЦ не ги признава резултатите од пописот

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (САС на МПЦ-ОА), изрази сомневање во статистичката прецизност на официјaлните резултати на пописот на населението. Причините се поделбата на христијанската заедница на две посебни категории – „православни“ и „христијани“ и отсуството на 7 проценти од граѓаните од изразување на етничката и верската припадност.

Во 2002 имало 64.7% православни и 33.3% муслимани, а сега има 46.14 % православни, 32.17 % муслимани и 13.4% христијани…

Јасно е дека тие “христијани“ се одвоени од православните, бидејќи постојат посебно католици, евангелисти, методисти… Се чини дека тие што попишувале не правеле разлика помеѓу припадност на религија (христијанство, ислам, јудаизам итн.), вероисповед (православно христијанство, сунитски ислам, хасидски јудаизам итн.) и на Црква или верски заедници/групи (Македонска православна црква, Исламска верска заедница, Еврејска заедница итн.). Ова ги прави презентираните резултати конфузни, а со тоа и неточни, затоа што очигледно не ја одразуваат реалната состојба на верска припадност во земјата. Во оваа насока, пак, останува неодговорено прашањето зошто вероисповедта како опција не е дадена само кај една од религиите присутни во македонското општество, а очигледно е дека и таму постои варијантност?! Следствено, САС смета дека постои проблем не само во методологијата, туку можеби и некои од попишувачите недоволно ги упатувале граѓаните во можностите за изјаснување, а очигледно е дека опциите постоеле?!, порачуваат од МПЦ.

Исто така, повод за сомневање во точноста на пописот е и непопишувањето на православните Македонци по светот, што веројатно беше резултат на отсуството на комуникација со нив на надлежните институции од татковината, за разлика од посетите на некои министри меѓу иселените припадници од малцинствата.

Во оваа прилика сакаме да потсетиме дека САС на МПЦ-ОА со соопштение од 13. 09. 02021, а по претходна реакција од верници, упати апел во јавноста „православните христијани да се попишуваат како православни, а не само како христијани“.

Земајќи го предвид погоре кажаното, САС на МПЦ-ОА ги вреднува како нерелевантни податоците од пописот на населението, особено во делот за религиозната припадност, со заклучок за постоење на сериозна статистичка грешка, која во случајот опфаќа 13, 4 % од населението.

Останати вести