НАТО не е форумшто ќе прифати преиспитување на Преспанскиот договор

По речиси петгодишното игнорирање на Преспанскиот договор од страна на грчката влада предводена од Кирјакос Мицотакис, по изборите во Македонија на 8 мај, односно инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, овој асиметричен билатерален договор се претвори во секојдневна опсесија на грчкиот премиер. Повикувајќи се (секако селективно и според грчко толкување) на Преспанскиот договор, грчкиот премиер ги повикува новоизбраните македонски власти да го користат секаде и секогаш новото „преспанско“ име на државата, дури и во ситуации нерегулирани со договорот, или одредени сосема спротивно од грчкото „читање“ на содржината. Освен што грчката страна бара практично контрола и на приватната комуникација во Македонија на употребата на името на државата со наметнатата географска одредница, бара и да се користи „северномакедонско“ именување на националниот идентитет, што е во спротивност и со контроверзниот Преспански договор.

На неодамнешна прес-конференција што се одржа на островот Крит, во пресрет на европските избори на 9 јуни, грчкиот премиер Мицотакис упати порака до мандатарот за состав на новата македонска влада, Христијан Мицкоски, повторно во врска со Преспанскиот договор.

– Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба… Секако дека ќе го отворам прашањето на самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. Навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никого – рече грчкиот премиер Мицотакис, наведувајќи дека темата за почитувањето на Договорот од Преспа (само од македонска страна) ќе го проблематизира и на претстојниот самит на НАТО.

Актуелниот фокус на НАТО е на други глобални предизвици

Договорот од Преспа, иако требаше да ги одблокира македонските евроатлантски и европски интеграции, на некој начин имаше само половичен ефект. Грција го отстрани само ветото за членството на Македонија во НАТО, но понатаму не спроведе ништо од малкуте обврски што ги презеде со истиот договор. Ниту пак покажа некаков ангажман за поддршка на македонските евроинтеграции (една од трите обврски за Грција според договорот) во понатамошните опструктивни процеси за почеток на преговорите со ЕУ, преземени и спроведувани од други членки на Унијата. Сега грчкиот премиер повторно се заканува со опструктивност на евроинтеграциите на Македонија, но и проблематизирање на македонското членство во НАТО. (?!)

– Јасна е грчката дипломатска акција околу Преспанскиот договор и нивната намера за обременување на билатералните дипломатски односи со Македонија. Сега сакаат да го префрлат тоа прашање и во НАТО. Не треба да се намалува сериозноста на димензијата на грчката дипломатска акција, но фокусот на агендата на претстојниот самит на НАТО е на сосема други теми. Во контекст на решавање на геополитичките предизвици како војната во Украина, темата што сака да ја наметне Грција на самитот на НАТО, проблематизирајќи го спроведувањето на Преспанскиот договор од Македонија е мошне тривијално прашање. Всушност, не знам колку воопшто НАТО е форум за такви билатерални прашања – вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор и министер за евроинтеграции на Македонија.

Спроведувањето билатерални договори не е во надлежност на НАТО

Факт е дека Грција преку уцени и блокирање на членството на Македонија во НАТО успеа да го издејствува Преспанскиот договор, но, сепак спроведувањето на билатералните договори не е во опсегот на надлежности и одговорности на Алијансата. Договорот, каков и да е, е креиран и договорен според некои принципи на меѓународното право и под покровителство на Обединетите нации. Со оглед на тоа, процени и пресуди за придржување до билатералните договори од двете страни, сепак, е во надлежност на меѓународноправните институции, како Меѓународниот суд на правдата. Евентуалното отворање на прашањето за Преспанскиот договор на самитот на НАТО би можело да заврши со општа препорака на генералниот секретар дека – договорите треба да се почитуваат! Без никаква обврска на НАТО да го надгледува нивното спроведување.

– Очигледно е дека Грција сака да го проблематизира Преспанскиот договор на политичко ниво и во таков случај не може да се бара лек во правото, т.е. во меѓународното право. Кога станува збор за правните опции во македонско-грчките билатерални односи, Македонија има позитивно искуство со меѓународноправните институции – вели Ивица Боцевски.

(„Нова Макдонија“)

Останати вести