Шокантни фотографии од состојбите во Охридскиот Регион, од двете страни на границата со Албанија, деновиве се направени од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“. Тие уште еднаш покажаа дека постојано се случуваат недозволени градежни активности и загадувања од големи размери во самиот биолошки резерват заштитен од УНЕСКО. Ваквата незавидна состојба ги пречека и претставниците на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, на Рамсарската конвенција за заштита на водните живеалишта и експертите од УНЕСКО, кои се во посета на Општина Охрид.
– Додека албанските власти во извештајот доставен до UNESCO наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот Регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго. Се бетонира во Охридското Езеро… Машини се регистрирани кај Тушемиште. Уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, дека уништувањето продолжува со несмалено темпо и од другата страна на границата…, потенцираат од „Охрид SOS“.
Оттаму деновиве на социјалните мрежи поставија и фотографии на кои се гледаат и големи депонии градежен шут и најразличен отпад во непосредна близина на езерото помеѓу автокампот „Ливадиште“ и населбата Елен Камен.
И во Студенчишкиот канал повторно е забележано загадување на водата, каде на површината се гледа мрсна дамка, предизвикана од човечки фактор.
Официјалната мисија, предводена од извршниот секретар на Бернската конвенција Микаел Путиерс, продолжува со посета на НП „Галичица“, општините Охрид и Струга, како и теренска посета на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и охридското и струшкото крајбрежје.
Од канцеларија не се управува со светското наследство во Охридскиот регион, кој е под заштита на УНЕСКО, туку на терен, коментираат од мисијата на Бернската конвенција. Во Струга состојбата е уште посериозна а странците ќе им укажат на локалните власти дека може да се развива турзмот, но не на штета на Регионот и не со дивоградби кои се најголемиот проблем.