Со скандирање „УЧК, УЧК“ и транспаренти „Студентите не се предаваат“, „Овој јазик има маченици зад себе“, „Не ми ја допирајте иднината“… неколку стотици албански студенти минатата седмица по втор пат излегоа на протест во Скопје за да издејствуваат да им се дозволи правосудниот испит во државата да го полагаат на албански јазик. Освен студенти од Македонија, на протестот имаше и студенти од Албанија и Косово, се носеа албански знамиња…
На маргините на протестот се случи и физичка пресметка пред Министерството за правда. Неколкумина напаѓачи му се нафрлија на едно момче, пред очите на полицијата и редарите, кои не мрднаа со прст. Потоа три лица биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир – еден Македонец и двајца Албанци. Од ова станува јасно дека нападнатиот бил Македонец.
Вреди: Се договоривме со премиерот – правосудниот за неколку месеци ќе се полага на албански
Неколку часа пред протестот, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со коалициските партнери од албанскиот блок, копретседателите на Вреди, Билал Касами и Изет Меџити кои пред средбата најавија „добри вести поврзани со прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик“.
Дека договор за правосудниот испит да се полага на албански јазик е постигнат, потврди Меџити подоцна во изјава за „Еуроњуз“.
– Не само за правосудниот испит, туку се договоривме Законот за јазиците да се применува и во други области што се однесуваат на професионални испити или лиценци што треба да се добијат – при полагањето лиценца за лекар или за наставник. Се договоривме нека биде рок од три месеци, бидејќи има процедура: треба да се направи предлог-измена на законот, да помине во Владата и да помине во парламентот, изјави Меџити.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека барањата на студентите се легитимни и оти треба да им се излезе во пресрет. Според него нелогично е тие да студираат на албански јазик, а да не им се даде можност завршниот испит да го полагаат на албански.
Сепак организаторите на протестот (под шинелот на ДУИ) најавија дека протестите ќе продолжат доколку нивните барања не бидат прифатени во најбрз рок и не се отвори конкретен институционален дијалог. За оваа седмица најавен е протест во Тирана.
Македонското МНР го повика албанскиот амбасадор во Скопје Мејдани за да му даде устен демарш поради активното мешање во билдање на атмосферата за протести. Амбасадорот го испратил својот заменик во МНР.
