Нашите водеа со два гола до 78’ минута: Наместо сигурен триумф, само бод за Македонија во Рејкјавик

Македонските фудбалери испуштија чиста победа на гостувањето кај Исланд во рамки на квалификациите за Светското првенство во Катар 2022 година. Избраниците на селекторот Благоја Милевски имаа водство од два гола до 78 минута од натпреварот, но на крајот мораа да се задоволат со реми.

Неверојатниот пад во играта во финишот од дуелот во Рејкјавик не чинеше да загубиме два бода. Македонија беше доминантна, создаваше шанси и оправдано поведе со 0:2. Прво Дарко Велковски погоди со глава по корнерот на Езгјан Алиоски во 12 минута. Исланд во првиот дел буквално не ни дојде до нашиот гол, а во 54 минута веќе имавме 0:2 со голот на Езгјан Алиоски по еден одличен соло продор.

Го контролиравме натпреварот се до 78 минута, кога нашиот голман Столе Димитриевски им подари гол на домашните: по еден слободен удар ја одби топката до ногата на Бринјар Бјарнасон, кој на празен гол погоди за 1:2. Кратко потоа Александар Трајковски ја погоди стативата, но бевме казнети на спротивната страна преку синот на легендарниот Ејдур Гудјонсен, Андри во 84 минута за 2:2.

Тоа не беше крај на возбудувањата, бидејќи во 94 минута Дарко Чурлинов биеше одлично со глава, а домашната одбрана ја спаси својата мрежа со интервенција на самата гол-линија.

На нашето трето гостување во Рејкјавик остануваме без триумф, сега со две ремија и еден пораз. Во следното коло во мундијалските квалификации Македонија ја пречекува Романија на 9 септември (но овој број на ТД веќе ќе биде во печат).

Останати вести