Најмоќните пасоши во светот во 2026 година

Вредноста на вашиот пасош се пресметува според тоа во колку земји од светот можете да пристапите без да ви биде потребна виза. Во текстов ги користиме податоците од „Индексот на пасоши Хенли“ за 2026 година. Европските и азиските земји доминираат на врвот, додека земјите погодени од конфликти се рангирани најниско. Јазот помеѓу најсилните и најслабите пасоши е речиси огромен.

На пример, пасошот на Сингапур е на врвот со пристап до 192 дестинации. Тоа е речиси пет пати повеќе од пристапот достапен за граѓаните на најниско рангираните земји. Најслабите пасоши дозволуваат влез до помалку од 50 дестинации. Оваа разлика прецизно покажува како географијата, дипломатијата и стабилноста влијаат на глобалната мобилност.

По Сингапур, на втората позиција за најсилни пасоши се патните исправи на Јапонија, Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати кои нудат пристап до 187 дестинации без виза.

ОАЕ имаат најсилен пасош надвор од Источна или Југоисточна Азија, иако со значајна забелешка: жителите на Емиратите немаат безвизен пристап до Соединетите Држави, за разлика од нивните колеги во Сингапур, Јапонија или Јужна Кореја.

Затоа пак најсилен „кластер“ на пасоши имаат жителите на земјите од  Европската унија, чиј земји-членки поседуваат многу од најсилните пасоши со безвизен пристап. Во оваа група најсилен е пасошот на Шведска кој е на третата позиција на листата (186 земји), а потоа следува цел група што го запоседнува 4-то место: Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Шпанија и Швајцарија (сите по 185). Пасошите на Австрија, Грција, Малта, Португалија го делат 5-то место на листата (184 земји), по што следат Унгарија, Малезија, Полска и Обединетото Кралство на 6-то место (183 земји).

Австралија го дели 7-то место заедно со Канада, Чешка, Латвија, Нов Зеланд, Словачка, Словенија (182 земји без виза).

Хрватскиот пасош е на делба на 8 место заедно со Естонија (181), па следат Лихтенштајн и Литванија (180) на 9-то место и групата на 10-то место: Исланд и САД (179).

Пасошите на Бугарија и Романија се на 11-то место со право на влез во 177 земји без виза.

Од другите земји на Балканот Србија е на 30-то место (135 земји), потоа следат Македонија и Црна Гора на 37-то (126 земји), Албанија и Босна и Херцеговина на 40-то место (121) и Косово на 57-то место (81).

На дното на листата се пасошите на Пакистан (рангиран на 100-та позиција со пристап без виза во само 30 земји), Ирак (101 место и 29 земји), Сирија (102 место и 26 земји) и последниот Авганистан (103 по ранг и безвизен пристап во само 23 земји на светот).

Останати вести