На тенисерите од Русија и Белорусија нема да им биде дозволен настап на годинашното издание на Вимблдон, потврдија организаторите на третиот гранд-слем турнир во сезоната. Годинашното издание на Вимблдон почнува на 27 јуни.
Со тоа Вимблдон ќе стане првиот тениски турнир кој ќе ги суспендира тенисерите од овие две земји, откако претходно им беше дозволено да настапуваат на сите турнири на АТП и ВТА турнејата, но без националните обележја.
– Во име на „All England Lawn Tennis Club“ и организацијата на натпреварувањето, сакаме да им изразиме силна поддршка на погодените од конфликтите во Украина во овие тешки моменти. Ги осудуваме незаконските дејствија на Русија и многу внимателно го разгледавме влијанието на оваа ситуација во контекст на обврските кон играчите, јавноста и спортот. Ги зедовме предвид и препораките на Владата на Обединетото Кралство. Наша должност е, во согласност со нашите можности, да придонесеме во напорите на Владата, индустријата и спортот за ограничување на глобалното влијание на Русија на најсилен можен начин. Имајќи го сето тоа предвид, со длабоко жалење донесовме одлука да не дозволиме руски и белоруски спортисти да настапат на Вимблдон 2022 година, се наведува во соопштението на Вимблдон.
Ова практично значи дека на вториот и осмиот светски рекет, Русите Данил Медведев и Андреј Рубљев, како и четвртата тенисерка на светот, Белорусинката Арина Сабаленка им се оневозможува да настапат. Руските тенисери повеќепати изјавија дека се против војната во Украина, а на меѓународните тениски турнири не играат под руско знаме.
Русија и Белорусија беа дисквалификувани истот така од Дејвис купот и женскиот Били Џ. Кинг куп.