Бројни потомци од семејствата на 12 младинци од селото Ваташа, кои пред 80 години беа стрелани од бугарскиот фашистички окупатор, посетители и гости положија цвеќе на 12 нови спомен-бисти. На месноста Моклиште, во близина на Ваташа, на 16 јуни 1943 беа стрелани Перо Видев (15), Ванчо Гурев (19), Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).
Моклиште пред 80 години било полеано со крвта на овие млади, но некни беше полно со живот. Сепак тагата по толку години останува. Сеќавањата со годините не бледнеат, тие се пренесуваат од колено на колено.
– Мојата баба, мајката на Пане Мешков, цел живот го мина во црнина. Таа беше жива долги години потоа, но немаше живот во неа. Таа тежина ја мина со неа цел живот. И тако ми Кочо Мешков загина како партизан. Денес ми предизвика многу емоции сеќавањето на баба ми. Таа посебно беше тажна кога ќе ја слушнеше песната за Ваташа, оваа што денес, кога ја испеаја Кате и Адријана, сите нè возбуди, вознемири, кажа Александра Барбаровска.
Спомен-бистите се дела на кавадаречките уметници Кирил Мукаетов и Димитар Самарџиев, додека Весела Чекорова е авторка на новоотворената спомен-соба во Моклиште каде се изложени предмети, фотографии и документи од стреланите момчиња.
– Ние знаеме да простуваме. Извинувањето и поклонувањето пред овие бисти и споменик, треба да дојде од наследникот на бугарскиот окупатор кој го сторил овој масакр, порача градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
На свеченоста присустваа претставници на кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска..
– И по 80 години од овој грозоморен чин болката и споменот се присутни. Наша должност е овој чин кој пред осум децении го сторила тогашната бугарска фашистичка влада да не се повтори. Да оддадеме почит на стреланите, на семејствата на нивните блиски, кажа Костадиновска-Стојчевска.
Стрелањето го извршила бугарската фашистичка окупаторска војска и полициски одреди предводени од капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов, полицискиот инспектор Димитар Раев, подофицер Петко Опреков а под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По две години,Народниот суд во Народна Република Македонија ги осудил на смрт главните учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов, подофицер Петко Опреков и полицискиот инспектор Димитар Раев. Тие се стрелани.
На судењето Апостолов раскажал и за улогата во настанот на четворица ваташанци-предавници, тројца мажи и една жена. Тврдел дека му било соопштено оти уапсените се фатени како “шумкари“ во планините, а не собирани по куќи, па затоа наредил да бидат стрелани.
Зошто во песната “Ми заплакало селото Ваташа“ се зборува за 13 убиени?
Рано утрото на 16 јуни 1943 кметот на Ваташа и бугарски полициски сили оделе по список од врата до врата и уапсиле 13 младинци и 5 девојки, сите скоевци кои биле организирани во Народно-ослободителната борба и партизанското движење.
По измачувањето во селската кафеана, по ургенција биле пуштени едно момче и една девојка.
Останале 12 момчиња (на возраст од 15 до 27 години) и 4 девојки кои истиот ден околу пладне биле поведени пеш кон Моклишко Поле, наводно “за да ги фотографираат“. Патем најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов, насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ (каде застанале за одмор) почнал да бега, а по него се вдале и други. Тогаш била издадена наредбата „оган“! Откако биле покосени тие што тргнале да бегаат, веднаш потоа се стрелани останатите – вкупно 12 младинци.
Има сведоштва дека сите војници не сакале да пукаат, а други тоа го поврзуваат со неутврдените податоци дека во тогашната бугарска војска и полиција 40-60% биле луѓе од Македонија.
Четирите девојки биле тргнати на страна зашто подофицерот Петко Опреков се спротивставил на воениот поручник Костов кој сакал да ги стрела и нив, но надредениот капетан Борис Жеглов го поддржал Опреков па така тие биле спасени.
