Некој лаже, кој?

Владини извори велат дека контактите на Мицкоски не и завршиле работа на Владата за набавка на гас и мазут. Но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има податоци дека Владата проѕирно ги ескивира подобрите понуди и кажа какви биле конкретните понуди

Македонската Влада деновиве треба да објави од каде и по која цена ќе набави природен гас од први ноември. Досега само три фирми доставиле сериозни понуди, велат владини извори, без да откријат подетални информации.

Наводно не станува збор за фирмите кои како контакт ги посочи лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

“ПГО” е името на швајцарската фирма со која министерот за економија Крешник Бектеши преговараше во Белград, по препорака на Мицкоски, но конкретна понуда досега не доставиле. Министерот Бектеши имал состаноци со двајца државјани на Република Србија и Босна Херцеговина кои имат фирма регистрирано во Швајцарија и кои што информирале дека може да се обидат да обезбедат руски гас. На средбата владината делегација им ги објаснила условите согласно законските акти, за банкарски гаранци, потребни количини, испорака, брифираат владините извори.

„ПГО“ до македонската страна доставил еден договор кој не предвидува правни обврски, нема цена и во кој не се ставени количините кој што државата ги побарала за периодот 1 ноември 2022 година до 30 април 2023 година.

A што е вистината? Јавноста остана зачудена по интервјуто што Христијан Мицкоски го имаше со петмина новинари од приватни телевизии. Таму Мицкоски го демонтираше тврдењето од Владата.

– Вистината е дека компанијата којашто е позиција поврзана за снабдување со гас на Македонија имаа средба со владини претставници. На таа средба, според оние информации што јас ги имам, а беа потврдени од учесници од двете страни, е понудена цена којашто е најмалку двапати помала од таа по којашто купуваше гас АД ЕСМ за месец октомври. Но во Европа начинот на којшто се тргува со commodities, односно гас, нафта, мазут, струја итн, е предмет на еден договор којшто ние коишто сме се занимавале со таа работа, го викаме „ефет договор“. И тоа го потпишуваат секаде во Европа компаниите коишто се занимаваат со оваа проблематика.

Според тоа што е договорено на таа средба е на 9 октомври тој договор требаше да биде испратен до АД ЕСМ, што тоа го направила и позицијата (фирмата предложена од Мицкоски). А од АД ЕСМ требало потпишан тој рамковен договор да го вратат на 10 октомври, што не го направиле. Ајде, имаме разбирање бидејќи 11 октомври беше неработен ден. 12-ти помина, за потоа на 13 октомври да им биде пратена писмена комуникација од страна на АД ЕСМ до компанијата, до позицијата, дека е потребно тие да го потпишат тој рамковен договор и да го пратат до АД ЕСМ како би можел Надзорниот одбор на АД ЕСМ да даде зелено светло, да може директорот на компанијата да го потпише. Тоа го направила компанијата според моите информации денеска и истиот тој договор е доставен до АД ЕСМ и го повикувам АД ЕСМ и тој што погрешно брифирал, истиот тој договор, ако навистина има чесни намери, да го потпише, да го врати назад и на граѓаните на Македонија да им заштеди неколку стотици милиони евра.

Можам да потврдам дека цената е отприлика повеќе од двапати помала од таа којашто Владата ја доби за втората половина од октомври месец. Односно, еве, ќе бидам попрезицен, на тој состанок во Белград е понудена цена којашто би се движела помеѓу 750 и 1 000 евра за 1 000 нормални м3 гас. Во зависност од тоа дали и кога би се потпишал тој договор и начинот на испорака и количините и дијаграмот итн, така и цената ќе се движи во периодот на испорака. Дали воопшто ќе се реализира ова, не знам. Дали би сакал да се реализира, би сакал, затоа што ќе се заштедат стотици милиони евра на граѓаните, изјави Мицкоски.

Освен за гасот, во Скопје се одржал состанок со фирмата која Мицкоски ја понуди како поевтина солуција за набавка на мазут.

– Претставник на компанијата којашто во овој момент ја снабдува Македонија со мазут ги контактирал луѓето коишто се позиција и од нив побарал понуда за 150 илјади тони мазут. Цената којашто ја добиле, можам – бидејќи добив авторизација – да ја кажам, е на кое било пристаниште во околината, дали е тоа Волос, дали е тоа Солун, Драч или Варна, е цена берзанска минус 40 евра по тон. Што би значело, во моментов, заштеда од најмалку 80-90 евра по тон од таа којашто државата ја плаќа или на 150 илјади тони, тоа е нешто повеќе од 12 милиони евра. Официјалната понуда, колку што јас знам, ќе биде добиена утре. Од тој момент па натаму, останува на бриферот, на оние лажни вести, да одлучи како понатаму. Дали ќе продолжат да крадат или пак ќе заштедат десетици, па би рекол и стотици милиони евра на граѓаните на Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Која е компанијата која нуди мазут не кажа ниту Мицкоски, ниту пак власта.

За 100 милиона евра се обврзале да ги затворат ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола

ВМРО-ДПМНЕ има јасен план за модернизација на производствените капацитети, вклучувајќи ги РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕ-ТО и сите помали. Со правилно менаџирање на ресурсите и со ангажирање на сите производствени капацитети, Македонија би можела целосно да ги задоволи сопствените потреби на струја, па дури и да извезува.

Во “Отвореното студио“ на МТВ лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во разговор со новинари од националните телевизии сподели шокантна информација:

– За да добијат 100 милиона евра финансиска поддршка нашите од Владата се согласиле до крајот на 2023 година да ја затворат ТЕЦ “Осломеј“ а за следните три години да го затворат и РЕК “Битола“. Со тоа за само 100 милиона евра што сега ќе ги добијат се обврзуваат да ја уништат македонската базна индустрија, да остават без работа 4-5 илјади работници. А струја да сме купувале од Бугарија и Грција!? Па дали е тоа нормално?, запраша Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ има јасен план како да се поправи состојбата, рече Мицкоски, што подразбира модернизација на производствените капацитети, вклучувајќи ги РЕК “Битола“, ТЕЦ “Осломеј“, ТЕ-ТО и сите помали.

– Македонија не мора да биде увозно зависна од струја. Независноста на една земја денес најмногу се цени по тоа колку е енергетски независна – нагласи тој.

Останати вести