Неприфатлив пр(е)длог на Франција: Не доведоа до ѕид – ќе го браниме ли своето или не?

Практично ни велат: “Ќе влезете во ЕУ само како Бугари“! Не само што се вметнати сите барања на Бугарија (освен за исфрлање на “македонски јазик“) туку дополнително е ставено и оценување дали се спроведува Преспанскиот договор!? Тоа значи дека пред условите на ЕУ прво ќе треба да се исполнат сите услови од тие договори. Зошто, побогу, воопшто уште се трошиме на Бугарија?

Франција на крајот од својот шестмесечен мандат на претседавач со ЕУ се истопори со предлог за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Несомнено пак на сметка на Македонија и македонското постоење а во стилот на кој предупредува(ше) драмскиот писател Горан Стефановски: “На Европа и се прди за вас!?“. И по 30 и кусур години не сакаат да не примат како рамноправен народ и држава. Од толку многу “бабици“ сега имаме едно “килаво“ детуле (држава) со корумпиран политички и судски систем, мултинационално ама двојазично општество кое се рекламира дека божем е “за сите“, а всушност не е за никого (стотици илјади веќе се иселија).

Македонските државни претставници (Пендаровски, Ковачевски, Османи) и натаму упорно изјавуваат дека предлогот ќе го коментираат дури откако и ако биде усвоен од сите 27 земји-членки (на крајот, за да стане официјален треба “амин“ и од Македонија), но во медиумите веќе се објави целиот план со назнака дека е вклучен и личниот авторитет на францускиот претседател Емануел Макрон.

Од презентираното излегува дека се предлага сите услови на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ да станат дел од Преговарачката рамка. Тоа е документот (планот) кој одредува како ќе се води процесот од почеток до крај. Голем број на експерти оценија дека тоа е класично кршење на основните принципи на ЕУ, но кај неа одамна нема веќе срам ни перде, а уште еден показател е и што минатата недела официјалното беше доделен кандидатски статус за Украина и Молдавија.

Конкретно, Франција предлага сите услови на Бугарија да влезат во кластерот Фундаменти, што уште повеќе ја засилува улогата на Софија во текот на целиот преговарачки процес – таа ќе одобрува дали е исполнето тоа што го бара и, ако не е, може да ја врати Македонија чекор назад. Oва всушност значи дека ЕУ ќе гарантира оти Скопје ќе ги исполни барањата на Софија.

Па така во текстот е додадено дека почитувањето на малцинските права (очигледно се мисли на Бугарите, бидејќи во однос на Албанците, Србите, Турците, Ромите, Бошњаците и Власите земјата е отидена некаде и предалеку) ќе бидат еден од главните параметри. Инаку, колку за потсетување, Франција е државата која упорно не ја потпишува Конвенцијата за заштита на малцинствата и не признава национални малцинства. Ама Македонија ќе има задача дури и да усвои акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците (и да формира тело за правата на Бугарите), чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.

Следно е и тоа што во условите дополнително се вметнува и дека ЕУ ќе го следи почитувањето на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Се додава дека притоа Македонија треба да се обврзе со протоколи на кој начин и во кои временски рамки ќе ги спроведе сите обврски – што е уште едно бугарско барање.

Во однос на отпочнувањето на преговорите меѓу Македонија и ЕУ се предлага тие на 23 јуни да бидат формално отворени со политичката меѓувладина конференција и веднаш тука да се запрат за реално да започнат дури откако Македонија ќе ги вметне Бугарите во Уставот (со давање време колку што административно има потреба за уставната измена).

Во однос на македонскиот јазик стои дека во Преговарачката рамка аquis-от ќе се преведе на “македонски“ (без фусноти), со тоа што Македонија и Бугарија би поднеле унилатерални декларации до ЕУ за тоа како која гледа на постоењето на македонскиот јазик. За појаснување aquis e aкумулираното законодавство, правни акти и судски одлуки кои го сочинуваат целокупното право на Европската унија а кои стануваат составен дел на правниот систем на секоја земја-членка.

Макрон всушност вели: Ќе влезете во ЕУ само како Бугари!

Обврските кои би ги презела македонската држава ако го прифати ваквиот предлог неповратно ќе ја определат нашата иднина. Ова уште во март го соопштија Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) кои изработија документ во кој стоио: „Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да прифати преговарачки процес со ЕУ кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент”, предупредија институтите.

Пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата Антонијо Милошоски посочи дека во документот има “сериозни влошувања наметнати како дополнителни услови“ за Македонија.

– Билатералниот Договор од Преспа, како и Договорот со Бугарија стануваат составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати. На Македонија ѝ се отвара уште едно малцинско прашање (читај повторно отворање на Уставот) кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција. Процесот на стабилизација и асоцијација, кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната декларација на Бугарија од 2019 година, наведува Милошоски.

Бугарија очигледно е задоволна од понудениот предлог на Франција. Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека тоа е “добар правец но треба сериозни гаранции за симнување на ветото кон Скопје“. Се чека да се види дали и Собранието на Бугарија ќе го одобри, бидејќи премиерот Кирил Петков децидно рече дека само таа одлука ќе биде пресудна. Неговата Влада оваа недела ќе биде и на гласање за доверба, а за опстанок му требаат најмалку уште седум пратеника. Доколку бугарското Собрание го усвои францускиот предлог, тоа практично ќе значи повлекување на ветото под услов да се стават Бугарите во македонскиот Устав. Но не и гаранција дека нема да има други условувања во текот на процесот на преговори, на што право има секоја земја-членка.

Османи: И ние ќе си кажеме дали нешто е прифатливо или не!

Македонскиот министер за надворешни Бујар Османи повика опозицијата да не ја крева тензијата во државата.

– Мислам дека опозицијата се обидува да создаде атмосфера… иако досега не се покажаа кредибилни нивните ставови и извори. Тоа што јас можам да кажам е дека е започнат процес на консултации помеѓу земјите членки пред да се усогласи нивниот заеднички став за понатаму да може да стигне кај нас, за ние да ги анализираме тие предлози и да дадеме наши забелешки, доколку има такви. Значи процесот е тој. Прво француското претседателство дава предлози коишто ги дистрибуира до сите земји членки, секоја земја членка може да даде забелешки, вклучувајќи ја и Република Бугарија. Атмосферата во Република Бугарија, сите сме сведоци каква е. Затоа јас не би влегол во коментари на различните предлози, бидејќи сметам дека е прво важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки, а отпосле ќе ги кажеме ние нашите ставови, рече Османи на новинарско прашање на завршната прес-конференција по повод Преспа форумот за дијалог во Охрид.

Тој потвди дека се запознаени со сите информации уште пред да излезат, преку редовните канали за комуникации и повтори дека се чека ставот на земјите-членки за потоа ние да ги кажеме нашите забелешки, а секоја наша одлука ќе помине низ Парламентот.

– Ние ќе си кажеме дали е нешто прифатливо или не. А сум кажал неколкупати, доколку се решиме за некој одговор и одлука се разбира ќе бидат консултирани и пратениците и опозицијата, заклучи Османи.

Останати вести