Додека македонските фудбалери кршат нозе по нерамни терени кои ако падне дожд се претвораат во свињарници, во соседна Србија се случува вистинска инфраструктурна офанзива. Само годинава кај северниот сосед се отворија три стадиони, до 2027 година во најава се уште пет, за разлика од нашата „градежна офанзива“ која брои една поголема трибина и неколку мали трибинчиња
Завчерашната информација дека Србија на Конгресот на УЕФА во Лисабон договарала да добие организација на најголемиот младински фестивал на Стариот континент, Европското првенство до 21 години и не треба да чуди, зашто во оваа 2023 година Србија доби три супермодерни, а не преголеми стадиони во Лозница, Зајечар и Лесковац.
Згора на ова, веќе е најавена реконструкција и изградба на стадиони во Крагуевац, Нови Пазар и Ниш, плус Националниот стадион кој треба да се гради кај белградската населба Сурчин, а Ц. Звезда веќе влезе во проект за изградба на свој нов и модерен капацитет. Јасно е дека стадионите во Србија не ги гради тамошната фудбалска федерација туку државата, иако ТЦС Бачка Топола, која е унгарски проект, веќе си изгради супер функционален стадион по највисоки стандарди, а и Ц. Звезда со државна помош планира да изгради нов модерен објект наместо актуелната „дупка“. Затоа и споредбата со македонската божем стратегија за некаква инфаструктура е – срамотно смешна.
Дубочица од Лесковац во времето на Југославија беше често голем ривал на Вардар и овој клуб кој не е ниту српски суперлигаш доби светски стадион во ек кога најголемиот македонски клуб не само што нема свој стадион, туку нема ни терен каде да тренира (игра во скопско Маџари). Лесковачкиот фудбалски храм веќе го доби прекарот „мал Олд Трафорд“.
Лозница со стадионот „Лагатор“ според последните најави треба да биде домаќин на годинешното финале во Купот на Србија, а овој стадион, заесно со тој во Лесковац веќе се најавуваат како идни домаќини на натпреварите на Ц. Звезда во следните две до три години, додека белградскиот гигант не ја изгради својата „нова Маракана“.
Стадионот на Тимок во Зајечар е третиот српски стадион кој годинава ќе биде пуштен, а исто како и претходните два, сите се со капацитет до 14 илјади гледачи и изгледа импресивно.
Од 2011 година кога официјално беше пуштена реновираната скопска Арена, на која во 2017 година се одржа европскиот Суперкуп помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, македонскиот фудбал остана да се игра на стадиони од времето на Тито, кои повеќе се распаѓаат и условите што ги нудат се ужасно лоши, па со ситни шминкања власта, но и ФФМ сакаат да покажат дека нешто се гради.
Досега, вкупно се изградени три трибини кои се во функција – во Чаир и Охрид од пред нешто повеќе од година, како и единствената вистинска трибина за вистински комфор по европски стандарди во Битола, која се градеше повеќе од пет години.
На ова додадете две монтажни трибинчиња зад головите на струмичкиот „Благој Истатов“ за два евроквалификациски мечеви што Македонија ги играше во 2017 година.
А, во моментов се гради една мала трибина во Кавадарци и во ек повеќе од две години е изградба на трибина во Штип.
Иако минуваат веќе 30 години од приемот на Македонија во ФИФА и УЕФА, како и повеќе од три децении од независноста, главната фудбалска организација ФФМ и државата никогаш не успеаја да направат стратегија за развој, особено со инфраструктура која во модерниот фудбал е неопходна за бизнис. Изградбата низ Европа на стадиони и нивно брендирање со продажба на имиџ-правата се основа во финансирањето на клубовите, зашто мултифункционалните стадиони не се прават само за фудбалери, туку комфорот носи публика, која носи приходи од влезници и трошоци на гледачите за пијалоци, храна, мерчендајзинг (дресови, шалови…), но и приходи од изнајмувања на деловни простории…
За разлика од државна и фудбалска стратегија за инфраструктура, македонскиот фудбал е сведен на функционирање за прибирање политички поени со живуркање на клубовите и комплетниот фудбалски сектор, па резултатите на европско ниво се одраз на вистинската неправилна работа во фудбалот, немањето ни сенс, ни знаење како да се искористи бизнис-потенцијалот, кој секако не може без државна поддршка и стратегија.
На Балканот не гради само Србија – Осиек веќе го направи својот „Пампас“, фантастичен стадион, Словенија веќе има три на кои може да се играат фудбалски мечеви од највисок ранг, нешто што во Македонија е можно само на Арената во Скопје, како и воведни квалификациски мечеви во еврокуповите на тренинг-центарот на ФФМ.
Ниту Струмица, ниту Прилеп, чиј стадион четири години се шминкаше, уште помалку Тетово, Битола…, имаат статус на стадиони каде што би можеле да се играат мечеви од највисок ранг.
Хрватска нема фудбалска инфраструктура за пофалба, освен сплитски Пољуд, кој е стар веќе 50 години и најужасниот европски стадион „Максимир“ како најголем во таа земја.
Но, фудбалот во Хрватска е за десет класи над Македонија, ако ништо друго поради фантастичните терени каде што може да се игра нормален фудбал, па затоа успесите на Динамо Загреб не се случајни. Фудбалерите таму не се мачат да ја смират топката и не играат на нерамни свињарници.
Осијек кој е клуб со унгарски газди, исто како ТСЦ во Србија, е прв што изгради нов модерен стадион кој изгледа импресивно и хрватската репрезентација наскоро ќе игра на овој стадион, но Хрватите веќе најавија голема градежна офанзива со поддршка на локалните самоуправи и фондовите на ЕУ и УЕФА за изградба на фудбалски храмови по највисоки критериуми.
ФФМ лани се испофали дека ќе гради нов стадион за репрезентација веднаш до Куќата на фудбалот, ама после силните фалби и најавата за отпочнување на проектот, ништо не се случува.
Арената после една деценија од неодржување, веќе ја јаде забот на времето и го губи вистинскиот сјај, која за жал освен на европскиот Суперкуп, ниту еднаш не се наполни до последно место на мечеви на македонската репрезентација или на клубовите. Ако проектот за нов стадион за репрезентацијата биде како славната пруга за Бугарија или автопатот од Кичево до Охрид – ќе се изначекаме!
Тешко дека нешто посебно ќе се смени во блиската иднина, во ситуација кога државни институции не ја признаваат ФФМ, која пак се претвори во организација за личен интерес, без идеја и желба да се направи нешто, па фудбалот севкупно ќе продолжи да си страда со резултатски мизерии на европска сцена и со стадиони и терени како од 19-ти век.
(Спорт1)
