Секторот за внатрешни работи Тетово стартуваше со пилот-активност за превентивно да се влијае за поголем сообраќаен ред и безбедност на патиштата на подрачјето кое ингерентно го покрива, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Станува збор за мобилна макета на полицаец со радар, која неколку часа беше поставена на надвозникот за тетовско Камењане, а која според првично сондираните сознанија и искуство, позитивно се одрази врз брзината со која се движеа возилата во насока кон Гостивар и обратно.
Инаку, планирано е да се обезбедат уште неколку вакви мобилни картонски макети, кои би биле ставени во функција, особено во текот на летните месеци, кога вообичаено се зголемува вкупната сообраќајна фреквенција на поширокото тетовско подрачје. Макетите се мобилни и тие ќе се преместуваат и на регионалните и локалните патишта“, се вели во објавата на МВР.
Сликите од проектот на македонската полиција наиде на многу духовити забелешки во јавноста. Најчесто се вели дека картонските полицајци нема да бараат мито, ама ниту плата. А ако биде успешен овој проект ајде да имаме и картонски лекари, шалтерски службеници…