НПЛ Нов Јужен Велс – 24. коло, Сент Џорџ Саинтс – Рокдејл Илинден

Рокдејл Илинден испрати јасна порака дека сериозно атакува на самиот врв во НПЛ Нов Јужен Велс, откако на гостувањето кај Сент Џорџ Саинтс забележа убедлива победа од 6:1.

Избраниците на Пол Ди уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам. Џејмс Темелковски го отвори резултатот во 8. минута, но домаќините израмнија преку Џејден Касела од пенал во 22. минута. Тоа беше сè што успеаја да направат фудбалерите на Сент Џорџ, бидејќи до крајот на средбата на теренот постоеше само еден тим.

Моди Наџар со прецизен удар со глава повторно му донесе водство на Рокдејл во 30. минута, а Оли Вигин непосредно пред паузата зголеми на 3:1. Во второто полувреме “комитите” продолжија со целосна доминација. Иако Хари Ван дер Саг не реализираше пенал во 55. минута, само седум минути подоцна му асистираше на Џери Скотадис, кој погоди за 4:1.

Во самиот финиш следуваа уште два гола. Најпрвин Мајкл Марчевски, по ударот на Лукас Рибаревски, ја испрати топката во мрежата за 5:1, а во 90. минута Наџар со својот втор погодок го постави конечниот резултат – убедливи 6:1.

Со оваа висока победа Рокдејл Илинден ги освои трите бода и уште еднаш потврди дека останува еден од главните кандидати во борбата за највисок пласман во првенството.

Во следното коло, во недела, на 26 јули, Рокдејл Илинден ќе биде домаќин на Сатерланд. Натпреварот започнува во 15:00 часот.

ТАБЕЛА
Маркони Сталионс 55
АПИА Леикард 54
Сиднеј Јунајтед 48
Рокдаел Илинден 39
Сатерланд Шаркс 36
Сиднеј 35
Волонгонг Вулвс 32
УНЈВ 31
НВС Спирит 31
Манли Јунајтед 31
В.С. Вондерерс 29
СД Раидерс 29
Сент Џорџ Сити 25
Блектаун Сити 22
Сент Џорџ Саинтс 19
Сиднеј Олимпик 19

Останати вести