Најголемата нелогичност е дека Македонците “паднале“ за цели
224 илјади, а целата држава е со -185 илјади
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски минатата седмица во Филхармонијата во Скопје официјално ги објави податоците од Пописот 2021.
Во Македонија на 5 септември 2021 година вкупниот број на населението изнесувал 1.836.713 милиони жители. Од нив 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи. Овој податок, кога бројот на жени е поголем од бројот на мажи, зборува дека нацијата старее зашто жените во просек живеат подолго. Според возрасната структура, најголем процент од населението е во возрасната група од 40 до 44 години, а како куриозитет беше наведен податокот дека се попишани 51 лицe на возраст од над 100 години.
Според етничка припадност 58.44% проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24.30 % проценти како Албанци, 3.86 % како Турци, 2.53 % како Роми, 0.47 % како Власи, 1.30 % како Срби и 0.87 % како Бошњаци и др.
Во пописните резултати се внесени и 132.269 лица што не учествувале во пописот а за кои податоците биле преземени од базите на други институции во земјата. Но за нив ја нема етничката припадност.
Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 13.4% како христијани, 0.37 % како католици… Во овој Попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик, 3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик.
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06. Густината на населеност на еден километар квадратен е 72.2 лица. За 34.000 е зголемен бројот на домаќинства, во споредба со минатиот попис, а бројот на станови е поголем за 24.000 во споредба со вкупниот број на домаќинства.
Според бројот на жители најмала општина е Зрновци – 2.086 жители, додека по бројот на жители најголема е општина Куманово, каде живеат 98.104 граѓани. На второ место е Битола (85.164 жители), Тетово (84 770 жители), додека во скопската општина Аеродром се регистрирани 77.735 жители.
Во моментот на Пописот (5 октомври 2022) имало 1.674 странци коишто помалку од една година престојуваат во земјата.

Во дијаспората соодносот Македонци : Албанци е обратен
Во рамките на пописот 2021 беше овозможено македонските државјани што живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација, која беше достапна на веб-страницата за попис.
Оваа можност ја искористија 258.932 наши сонародници, од кои 24,55 отсто се изјаснија како Македонци, 66,42 отсто како Албанци, 4,78 отсто како Турци…
Оваа категорија граѓани не влегуваат во вкупното резидентно население на Македонија. Самопопишувањето на иселениците се води како нивно регистрирање, а не попис.
Владата ги оцени податоците како сигурни, веродостојни, валидни и корисни
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со повеќето членови на неговиот кабинет, присуствуваше на свеченоста на која беа презентирани резултатите од Пописот 2021.
Од Владата потоа соопштија дека „пописот на населението, домаќинствата и становите, кој беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa, по речиси 20 години, е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата ѝ се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики.“
ВМРО-ДПМНЕ: Бројките се поразителни, а операцијата некомплетна
Пописот ваков каков што е покажува алармантни бројки, кои се поразителни за сите општини, освен за градот Скопје, и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување, реагираше опозициското ВМРО-ДПМНЕ веднаш по објавувањето на резултатите.
“Успешниот попис на СДСМ е 132 илјади Македонци непопишани, 200 илјади раселени и нераспознавање кои се христијани и православни, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со податоците од пописот.
Pописот е некомплетен и како таков не дава целосна слика за популацијата. По преземањето на власта ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе нов, електронски попис кој ќе биде целосен“, соопштија од најбројната партија.