Одбележан 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ: Секогаш на вистинската страна

Со традиционалниот импровизиран напад пред Меморијалниот музеј „11 Октомври” и со огномет во Прилеп започна одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание и 81-та годишна од почетокот на антифашистичката борба во 1941. Централниот настан, кој годинава беше под мотото „Секогаш на вистинската страна”, се одржа пред Спомен–костурницата во Куманово, а дополнително владини делегации положија свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од Народно ослободителната борба (НОБ) во Скопје и Прилеп.

Во Собранието беш доделена државната награда „11 Октомври” за 2022 година. Оваа највисока државна награда за животно дело во областа на науката и образованието му беше доделена на невропсихијатарот проф.д-р Методи Чепреганов (посмртно, почина на 9 јули годинава), а во областа на културата и уметноста на поетесата Линдита Ахмети, писателот Томислав Османли и ликовниот уметник Мицко Јанкуловски.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција македонскиот народ застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ, заедно со припадниците на останатите заедници, самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации како корпуси и дивизии.

Територијата на Република Македонија во 1941 беше поделена на фашистичките сојузници Бугарија и Албанија. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Републиката денес е полноправна членка на Обединетите нации и на НАТО и во процедура за старт на преговорите за членство со Европската унија.

Останати вести