Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија спроведе дводневен скрининг на жителите на Трубарево, со цел навремено откривање на евентуални заболувања на дишните патишта по големиот пожар во складиштето за отпадна електроника и пластика.
Биле прегледани над 200 лица на двата пункта во населбата, од кои 19 се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контрола.
Скринингот опфати клинички преглед, мерење на пулс и сатурација, како и проценка на виталниот капацитет на пациентите.
– Во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции, изјави министерот за здравство Алиу. Тој се уште не е известен дали земјоделските производи од овој атар се добри за конзумирање. Според испитувањата на воздухот и тлото произлегува дека нема опасност за населнието, сите параметри за ПМ10 и ПМ2.5 како и за 20-ина метали се во рамките на дозволените.
Од тимовите на Клиниката за пулмологија информираат дека упатените пациенти имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите. Дополнително, биле детектирани и лица со висок крвен притисок, кои биле советувани да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.
