Олеснето вработување во Германијаза Македонци, младите ги спремаат пасошите и се пакуваат

На висококвалификуваните работници од Македонија и другите земји надвор од ЕУ им се олеснува патот за влез во Германија. Со последните измени на законот за имиграција на квалификувани работници кои стапија на сила од 1 ноември на работниците кои немаат понуда за работа им се овозможува да престојуваат во земјата една година додека бараат работа со полно работно време, а во меѓувреме ќе можат да работат до 20 часа неделно. Се проценува дека поедноставните правила би можеле да го зголемат бројот на работници кои не се членки на ЕУ во Германија за 60.000 годишно.

Македонските работодавачи, кои веќе се соочуваат со недостиг на работна сила, стравуваат дека со олеснување на условите за работа и иселување ќе се испразни државата и ќе се продлабочи проблемот.

– Олеснување на условите за иселување на квалификуваните работници во Германија дополнително ќе ја испразни државата и ќе го зголеми проблемот со недостиг на работна сила. Голем дел од работниците ќе заминат од државата не само поради повисоките плати, туку и поради подобрите услови за живот. Ние имаме две варијанти: ништо да не правиме и економијата да ни доживее колапс или и ние да ги олесниме процедурите за вработување на странци, вели за „Вечер“ Ангел Димитров од Организација на работодавачи на Македонија.

Според него, за да се зголеми бројот на странски работници во државата потребно е да се олеснат процедурите во македонските дипломатско-конзуларни претставништва и да се зголемат квотите за вработување на странци.

Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, вели дека трендот на заминување од Македонија продолжува не само поради платите, туку и поради незадоволството од целокупната ситуација во државата.

– И покрај тоа што и во Германија и во другите европски земји има висока инфлација и платите веќе не се толку високи, таму како-така системот функционира. Во Германија 2.000 евра веќе не е толку голема плата ако се има во предвид дека треба да се плати кирија за стан, режиски трошоци, храна…Овој тренд ќе забави во 2025 година, бидејќи платите во Европа веќе нема да може да го следат зголемувањето на животните трошоци, вели Кочовски.

Според него европските држави го гледаат остатокот од Балканот како потенцијална база за работници од две причини. Прво, законската регулатива е благо наклонета кон балканските држави и брзо се добива статус на престој и работна дозвола. Вториот момент е задоволството од претходно интегрираната работна сила од балканските држави во кои влегува и Македонија.

Како ќе функционира одењето во Германија?

Германија воведува „картичка за можности“ или „Chancenkarte“. Таа картичка ќе функционира по бодовен систем и на овој начин ќе може да се вработат работници кои имаат одредени посебни вештини. Ќе се земат предвид квалификациите, работното искуство, познавање на германски јазик, врските со Германија (како членови на семејството кои живеат таму), како и возраста. Секоја година ќе има одредени квоти, кои ќе зависат од индустриите во кои се потребни работници.

Кој планира да оди во Германија ќе треба да исполни три од четирите услови на „картичката за можност“. Условите се потенцијалниот работник да има диплома или стручно оспособување од областа во која сака да работи, минимум тригодишно искуство, познавање на германски јазик или претходен престој во државата, додека последен услов е работникот да не постар од 35 години.

Ова значи дека новите измени ќе им овозможат на квалификуваните работници без диплома за високо образование, туку само со професионално искуство вработување и иселување во Германија. Ова земја особено бара квалификувани занаетчии, електроинженери, ИТ-специјалисти, старатели, медицински сестри, угостители. Потоа следуваат складирање, даватели на услуги и производство – особено во секторите за храна, опрема за обработка на податоци, машини и производство на метали.

ИТ професионалците иако немаат универзитетска диплома со работно искуство ќе добијат сини карти на ЕУ кои ќе им го олеснат влезот во Германија.

Останати вести