Земјите производители на нафта повторно ги отфрлија повиците за зголемување на производството.
Нивната организација ОПЕК ѝ соопшти на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија би можеле да го создадат еден од најголемите шокови во снабдувањето со нафта досега и дека би било невозможно да се компензира. Додаде дека нема да го зголеми производството.
– Потенцијално би можеле да изгубиме повеќе од седум милиони барели дневно руска нафта и други извозни течности како резултат на сегашните и идните санкции, рекол генералниот секретар на ОПЕК, Мохамед Баркиндо.
Има предупредувања дека барелот би можел да “скокне“ на 200 американски долари, што во крајна сметка ќе треба да го платат жителите на земјите во ЕУ. Со таква цена на овој енергенс ќе колабираат западните економии. Од друга страна Кина и Индија, на пример, тешко дека ќе го следат ембаргото што го наметнуваат САД и најверојатно ќе решат да купуваат поевтина руска нафта.
Европската комисија излезе со официјален предлог за целосно ембарго на нафта од Русија, иако постојат длабоки поделби во ЕУ околу тоа.
– Со оглед на сегашната побарувачка би било речиси невозможно да се надомести загубата во количини од толкави размери.
На состанокот со земјите производители на нафта, Европската унија го повтори својот повик да се разгледа дали би можеле да ги зголемат испораките за да ги смират цените на нафтата, изјави претставник на Европската комисија за Ројтерс.
ОПЕК се спротивставува на повиците на Соединетите Амрикански Држави и Меѓународната агенција за енергетика да испумпува повеќе нафта за да ги стабилизира цените кои достигнаа рекордно високо ниво во последните 14 години минатиот месец, откако Вашингтон и Брисел воведоа санкции кон Москва поради инвазијата на Украина.
Досега руската нафта не беше покриена со санкции. Сепак, европскиот блок минатата недела се согласи да воведе санкции за рускиот јаглен – првите санкции против извор на енергија – и некои високи европски претставници рекоа дека нафтата може да биде следна.
Австралија, Канада и САД – кои помалку се потпираат на Русија отколку на Европа – веќе го забранија купувањето на руска нафта.
Земјите од ЕУ се поделени околу тоа дали да го следат овој пример, со оглед на нивната голема зависност и можноста тоа да предизвика раст на и онака вртоглаво високите цени на енергијата во Европа.
ЕУ очекува користењето на нафтата да падне за 30 отсто до 2030 година, во споредба со 2015 година, како дел од планираната политика за борба против климатските промени – иако на краток рок, ембаргото би предизвикало трка за замена на руската нафта со алтернативни залихи.