Охрид: Туристите незадоволни, хотелиерите велат цените ја следат инфлацијата

Охрид ја почнува туристичката сезоната со зголемени цени за 20 отсто во хотелското сместување, а повисоки се и цените и во приватното сместување. Цените во сезоната ќе одат нагоре, во зависност од порастот на инфлацијата, велат хотелиерите, повикувајќи се на општиот тренд на пораст на цените и на зголемените трошоци во работењето.

Туристите, пак, кои деновиве се во овој туристички центар, велат дека поскапувањето е многу поголемо иако е претсезона, а за некои услуги дури се наплаќа 100 отсто повисока цена.

– Во Охрид и годинава по традиција сè е поскапо. Макијато чини од 100 до 130 денари, а еспресото е 80 денари. Топка сладолед може да се купи за цена од 30 до 50 денари. Помфритот е 80 до 150 денари. Парче пица чини 80 денари. Да не зборуваме за порција риба или нешто друго… Сè е поскапо, па дури и одделни услуги како возење колички за деца, задоволство за кое наместо 50 денари како лани, сега чини 100 денари – вели еден турист.

За читателите во Австралија да имаат поточна претстава менувачкиот курс е 1 АУД = 40.56 МКД.

Охридските угостители, пак, велат дека треба да се има предвид оти Охрид е туристички центар и треба да се споредува со такви центри во светот. Неразбирливо е кога туристите реагираат на цена на кафето од 80 или 150 денари кога се во Охрид, а на ум не им паѓа да реагираат кога, на пример, во некој италијански туристички центар плаќаат филџан кафе 12 (А$18) или повеќе евра.

Хотелиерите велат дека на зголемувањето на цените влијаат повисоките трошоци во работењето и посебно цените на производите што ги користат.

Моменталните цени на сместување во двокреветна соба, во зависност од тоа колку ѕвездички има хотелот, се движат од А$26 до А$45 на ден, а престојот во апартман чини и до А$100 дневно. Нови цени има и во угостителските објекти.

– Сè е поскапено, почнувајќи од струјата, па до продуктите што се користат во рестораните. Кај нас порција храна се пресметува 1 наспрема 3. Така што, ако основните прехранбени продукти, на пример, чинат 100 денари, порцијата ќе чини 300 денари, бидејќи во неа се пресметуваат и работната рака и услугата. Сезоната ја почнавме со зголемување на цените од 20 отсто, бидејќи нашите трошоци се зголемија, а логично е што никој не сака да работи со загуба. Имаме работници, а дел од хотелиерите имаат и кредити. Сето тоа треба да се има предвид – вели Крсто Блажевски, претседател на хотелската асоцијација (ХОТАМ).

Според него, ако продолжи растот на инфлацијата, цените на хотелското сместување во текот на сезоната ќе растат.

Зголемени се и цените за престој во приватнорто сместување. Издавачите на соби велат дека засега зголемувањето на цените е само за 100 денари. Така, изнајмување на апартман за двајца чини 1.500 денари (А$36) дневно, ако престојот е една недела. Цените се поинакви за еднодневно и повеќедневно изнајмување.

Охриѓани вратија:
Во Скопје еспресото е 200 денари,
a немат ниту поглед ниту воздух!

Како што скопјаните често се жалат дека цените во охридските ресторани се “солени ѓоа си на море“, така деновиве и охриѓани се пожалија на “скапото гостопримство“ во Скопје. Објавија фискална сметка од која се гледа дека во ресторан на улица “Живко Чинго“ во скопско Дебар Маало им наплатиле по 200 денари (А$5) за еспресо или 350 денари (А$8.50) за салата и 600 денари (А$15) порција лигњи.

Останати вести