Неможноста да се купи онлајн билети за локалните автобуски линии, бродскиот превоз или пак за посета на некои од туристичките локалитети и музеи е еден од главните проблеми со кои туристите се соочуваат при посетата на Охрид. Многу малку е застапена и можноста за е-плаќање, дигитална рецепција, е-продавници, нешто што во најголемиот дел од европските туристички дестинации веќе успешно се применува.
– Туризмот подразбира многу услови, не е само сместување, храна и посета на институции од областа на културата, туку туризмот е се она што ние секојдневно го живееме во градот. – Ние може да понудиме интересни решенија во насока на повеќе смарт апликации и Охрид да стане една смарт околина. Апликации кои би помогнале при дигитализација на резервации, при дигитализација на превоз, паркинг, па ако сакате и безбедна храна, вели Цветко Андреески, професор на Факултетот за туризам во Охрид.
Еден таков проектот предвидува малите хотелиери и луѓето кои издаваат соби на микро ниво да влезат во еден процес на дигитализација. Ќе бидат вклучени околу 300 микро субјекти од целиот регион, за кои ќе биде обезбедена и обука.
– Ако сакаме азиски туристи тогаш треба да овозможиме плаќање со мобилни телефони, со мобилни апликации, апликативни решенија, букирање, дигитализација па всушност и сигурноста во дестинацијата, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за туризам.
Агенцијата за туризам во 2019 година стартуваше со 100 отсто онлајн маркетинг рекламирање на самата дестинација. Од таму најавуваат отпочнување со програма е-туризам, која ќе се реализира во соработка со туристичкиот сектор и одредени министерства.
На дебата која неодамна се одржа на Факултетот за информатичко технологии во Охрид, беше речено дека дигитализацијата на туризмот е процес и оти проблемите се секаде исти во регионот.