Љупчо Палевски Палчо (59), осомничениот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски е екстрадиран од Турција во Македонија. По околу 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир (на 5 декември лани) тој беше спроведен со редовен лет на „Туркиш ерлајнс“ на скопскиот аеродром. Оттаму со 4 цивилни автомобили на единицата за соработка со Интерпол беше транспортиран во истражнбиот затвор во Шутка.
Од лични работи имал еден куфер и некои валути во евра и во турски лири кои се влезени во записник. Ставен е во посебна ќелија, не му е дозволено да добива храна од надвор а има право на еден час дневно за прошетка во кругот на затворот и тоа одвоен од останатите затворени.
На Палевски во отсуство му беше изречен 30 дневен притвор. Од Министерството за правда изразија благодарност до турските власти.
„Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Сега Јавното обвинителство може да ја започне истражната постапка против Палевски со земање негова изјава. За останатите осомничени во случајот истрагата е во завршна фаза. За Александар Ѓорчевски дури е и завршена.
Покрај Палевски, за грабнувањето и убиствата осомничени се уште 4 лица меѓу кои и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој од неодамна е во домашен притвор откако Врховниот суд му го замени затворскиот притвор. Тој е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка.
Телата на двете жртви беа најдени на 3 декември откако дел од осомничените ги открија локациите каде се закопани. Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се осомничени за „грабнувања“, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за „помагање при грабнување“ а единствено Палевски е под истрага за „грабнувања“ и “свирепи убиства“.