Пемиерот се пофали: За две години имаме A$2.27 милијарди странски инвестиции

Околу 1.4 милијарди евра (A$2.27 милијарди) странски инвестиции се влезени во земјата во изминатите две години, односно откако е оваа Влада, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Прилеп. Тој направи споредба со претходната Влада и рече дека разликата е голема. Според него, кај претходната влада, таа бројка била околу 750 милиони евра.

– Ако ги споредиме овие две години со првите две години на претходната влада, тогаш кога немаше кризи, тогаш ќе стане збор за споредба помеѓу приближно една милијарда и 400 милиони евра кај оваа Влада и околу 750 милиони евра кај претходната влада. Бројките се јасни. Разликата е огромна, без разлика дали тоа ќе го конвертираме како бројка споредено по глава на жител или како вкупна бројка, рече Мицкоски.

Премиерот порача дека Владата продолжува да работи на привлекување нови инвеститори, но и на поддршка на домашните компании. Како пример ги посочи големата инвестиција од околу половина милијарда долари во ветерен парк на турски „Алказар“, како и новиот производен погон на фабриката „ВИК“ во ТИРЗ Прилеп.

– Продолжуваме и понатаму, така што Владата е целосно ориентирана кон привлекување инвеститори, нагласи премиерот.

Зборувајќи за економијата и стандардот на граѓаните, Мицкоски рече дека денес се живее подобро отколку пред три години и вети дека за уште три години животот ќе биде уште подобар.

– Колку и да сакаат да го оцрнат тоа што оваа Влада го работи, денеска многу подобро се живее од пред три години. Ви ветувам дека за три години од денеска ќе се живее многу подобро од денес, рече Мицкоски.

Тој призна дека не е сè идеално и дека има грешки, но порача дека Владата е мотивирана да продолжи со проекти и инвестиции кои, како што вели, треба да донесат подобар живот и повисок стандард за граѓаните.

Инаку, компанијата „ВИК“, според Мицкоски, е важен партнер на Владата, особено во Пелагонискиот Регион, бидејќи успешно работи од 2018 година. Со новиот производен капацитет, односно новата инвестиција, се очекува кога ќе го достигне својот максимум да има нови дополнителни 300 вработувања. Во досегашниот погон има 500 работници.

Почнува изградбата на најголемиот ветерен парк во Македонија

Во Штип почнува изградбата на ветерниот парк на компанијата „Алказар енерџи“, проект со планиран капацитет до 396 мегавати и инвестиција вредна повеќе од 500 милиони американски долари.

Паркот треба да има до 54 ветерни турбини и, по целосното пуштање во употреба, значително да го зголеми производството на електрична енергија од ветер во земјата.

Проектот се реализира на подрачјето на Штип, Радовиш и Карбинци, а според најавите ветерниот парк треба да биде пуштен во употреба во следните три години.

Од компанијата претходно информираа дека по завршувањето паркoт ќе може да произведува електрична енергија доволна за снабдување на повеќе од 150.000 домаќинства.

Останати вести