Пендаровски: Да не не плашат од опозицијата, само Македонците со лабаво национално самочувство се плашат дека ќе бидат бугаризирани

Претседателот на државата Стево Пендаровски имаше гостување на ТВ24 при што рече дека во наредните 14 месеци скринингот е апсолутно најважниот политички приоритет за државата. Тој порачува „да се фатиме за реформи, бидејќи имаме доста домашни задачи на тој план“.

Шефот на државата најави и дека на 1 октомври ќе отпатува во Софија, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев. Пендаровски вели дека досега четирипати разговарал по телефон со Радев околу увозот на електрична енергија.

– Од бугаризација се плашат или најавуваат дека ќе ни се случи само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство. Навредливо е за македонската нација да кажеш дека протокол, договор, преку механизми на европска интеграција, дека јас и ти можеме да станеме Бугари. Тој дух на наводна бугаризација која ни се заканува е измислена од страна на опозицијата за да го плаши македонскиот народ, кој има свои длабоки корени и цврсто втемелено национално чувство, а ние сме токму тоа, нема потреба да се плаши од бугаризација. Мислам дека тоа е испукан ќор-фишек, бидејќи нема никаква опасност дека ние низ европските процеси на крајот ќе станеме Бугари, вели Пендаровски.

Говорејќи за корупцијата во државата и за статусот на ДУИ како „заштитена мечка“, претседателот рече дека „во принцип не би сакал за одреден политички субјект, без разлика дали е власт или опозиција, да коментира дали е недопирлив за правосилните органи“.

– Меѓутоа, мислите ли дека само ДУИ се заштитена мечка. Мислите дека луѓето од СДСМ, ЛДП и другите не се заштитени мечки? Па зошто велиме дека има многу мал број случаи, за овие 30 години наназад, на високи функционери кои заглавиле во затвор? Значи, еве не да ја земеме ДУИ, туку овој т.н. македонски дел. Да ве вратам уште поназад. Слушајќи ги „бомбите“ на Заев, слушајќи што сè правеше власта на Груевски 11 години, стварно мислите дека сите „големи риби“ од таа политичка структура заглавија во затвор? Знаете кој лежи во затвор? Лежи во затвор Гордана Јанкулоска, за набавката на „мерцедесот”. Знаеме, значи, луѓе кои станаа мултимилјардери а се надвор од било каков допир или контакт со затвор и никој не ги ни бара. И Ако ги бара, а знае кај се, пак не сака да ги најде. Значи, гледајте, сите политички структури, пошто именувате една од нив, јас ви тврдам дека ниското ниво на доверба на граѓаните во правосудството е затоа што независно на која политичка партија припаѓате, ако сте висок функционер, вие сте во најголем број случаи недопирлив за органите на прогонот, рече Пендаровски.

Запрашан за тоа како ја оценува безбедносната состојба во државата, тој рече дека е стопроцентно уверен оти нова војна од типот на деведесеттите нема да има на Балканот.

– Конфликти од големи размери, слични на оние од деведесеттите, нема да гледаме и тоа е добро. Тоа е, ми се чини, одлична порака за сите нас што живееме тука, рече Пендаровски.

В о в рска со иницијативата за рефењрендум за укинување на Договорот со Бугарија политички став на претседателот е дека референдум нам ни беше нужен, но не со „овие магливи варијанти што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ“.

– И јас бев спремен да излезам и да гласам на референдум на кој ќе се поставеше прашањето дали сте за ЕУ или не сте, рече Пендаровски.

Околу тоа дали енергетската криза се злоупотребува за некој да профитира на грбот на граѓаните, Пендаровски нагласи дека профитерите се јавуваат секогаш кога има кризи, војни, конфликти.

Според него, енергетската криза пред сè е недостаток на стратешко размислување на сите политички елити од 1990 година до денес, кои гледаат само да го истераат мандатот, а да не вложат во такви големи капитлени инвестиции во енергетскиот сектор.

– За жал ние сме „купи ден – помини“ политика, рече меѓу другото претседателот Пендаровски.

Останати вести