Нема ништо спорно во мојата средба со ОМО „Илинден Пирин“ и тоа не е спротивно на Договорот за добрососедство од 2017 година – одговори на шефот на државата, Стево Пендаровски, на острата реакција на Бугарија за неговата средба со претставници на здружението на Македонци. Ако некому му пречат моите средби со Македонци од каде било во светот, тоа не е мој проблем.
– Во соопштението кое јас го дадов и изјавите кои ги имавме и јас и луѓето кои беа кај мене на средба, произлегува за што сме зборувале и таму нема ништо спорно. Ниту една точка и запирка од изјавеното од моја и од страна на моите соговорници не оди контра Договорот од 2017 година. Ако некому му пречи самата средба на претседателот на Република Северна Македонија со Македонци од каде било во светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем. И не би требало да биде наш проблем, рече Пендаровски.
Претседателот рече дека нема никаква заднина на оваа средба туку едноставно прифатил да се види со претставници на здружението кои побарале средба. Претходно примил и делегација на македонски државјани со бугарска самосвест. Пендаровски потсети дека и претседателот на Бугарија, Румен Радев, во повеќе наврати ги примил претставниците на македонските државјани со бугарска самосвест.
Пендаровски кажа дека на средбата со ОМО “Илинден“- Пирин им дал директен одговор дека тој не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така порача дека и обратно – за Бугарите кои живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските.
– На нивното директно прашања мојот одговор беше директен: “Јас ве примам, сакам да ги чујам вашите маки и ако имате потреба во иднина повторно ќе се видиме, меѓутоа во смисла дека јас сега ќе им наложувам на бугарските институции (Влада, држава, судови итн) да направат нешто во смисла на заштита на вашите права тоа од мене немојте да го очекувате“. Зошто? Затоа што за бугарските државјани се надлежни институциите на Република Бугарија. Ако не се задоволни, а како што знаеме не се задоволни од тоа како ги реализираат своите човекови слободи и права, имате правото да одите на меѓународните судови. Имате десетина пресуди во Стразбур. По ниедно правило на меѓународното право јас не смеам да се мешам во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани и тоа е во склад со Договорот од 2017. И обратното, за Бугарите кои живеат во Северна Македонија сме надлежни јас, македонската влада, македонските институции, македонските судови. Ако не се задоволни од мене, од нас, одат во Стразбур или кај меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на човековите права, рече претседателот.
Јас можам да ве лажам за да добијам популистички поени и да градам рејтинг, додаде Пендаровски, па да ветувам дека ќе им ги овозможам правата, но тоа, рече, би било огромна измама бидејќи моите надлежности се дотука.