Пендаровски одликуваше македонски спортисти со ордени “8 Септември“

Претседателот Стево Пендаровски по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, на свечена церемонија ги одликуваше македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски со високо државно признание Орден „8 Септември“.

Пендаровски рече дека единството е клучниот услов за успех, а за да бидеме поуспешни во натрепварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес туку за општото добро.

– Личниот интерес не е доволен да изгради општество со развиено чуство за национален интерес, за општо добро. Од тука вистинските двигателни на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси туку од повисоки цели, додаде Пендаровски.

Претседателот рече дека меѓу нив се и спортистите кои не поврзуваат дури и кога сме длабоко поделени.

– Освен за македонскиот идентитет, мора да заборуваме и за карактерот на македонското општество. Со идентитетот се раѓаме, но карактерот го развиваме. А вистинскиот карактер на едно општество се гледа од односот кон неговите најранливи членови, додаде Пендаровски.

Оливера Наковска-Бикова за нејзината извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво. Наковска-Бикова постигнува бројни успеси на натпревари во стрелачки спортови. Таа е повеќекратна државна шампионка и апсолутна рекордерка на Република Северна Македонија во дисциплината воздушен пиштол. Во оваа дисциплина го освојува златниот медал на Летните параолимписки игри во Лондон, со што придонесе за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Бранимир Јовановски за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој во 1992 стана првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера, покрај златниот параолимписки медал, освоил и други сребрени, златни и бронзени медали на разни европски првенства и на меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.

 Шабан Трстена за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година. Трстена е повеќекратен младински и сениорски првак на Југославија. Тој е прогласен за спортист на XX век на Република Северна Македонија. Шабан Трстена е пример како со извонреден успех може да се стане симбол на својата земја и на таков начин да се придонесе за нејзина меѓународна афирмација.

Дејан Георгиевски за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава. Со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во теквондо, е прогласен за најдобар спортист на Република Северна Македонија за 2021 година. Воедно, тој е добитник и на неколку сребрени и бронзени медали, со што придонесува за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Останати вести