Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, информираше дека е реализирана обука на украински војници во Македонија, со што, како што рече, се потврдува македонската заложба за континуирана поддршка кон правото на Украина да се одбрани од руската агресија.
Така Македонија стана втората балканска земја по Романија која успешно ја заврши програмата за обука на украински војници. Информациите за обуката до сега се чувале во тајност од безбедносни причини.
– Се понудивме и веќе ја реализиравме првата обука, првиот тренинг на украински војници кои успешно ја завршија обуката во објекти и на локации (Криволак) кои се сопственост на Армијата на Македонија за што беше донесена соодветна одлука на Владата, а која од безбедносни причини ја соопштуваме откако таа заврши, истакна министерката Петровска.
Како што соопшти Министерството за одбрана, со ваквиот вид на поддршка и преку тренинзи и преку обуки кои се димензионирани согласно побарувањата на украинската страна ќе се продолжи и во текот на 2024 година и сè додека за тоа има потреба.
Македонија се вбројува во првите пет држави од членките на Алијансата (според големината) кои најмногу пружиле помош на украинската војска во отпорот и во борбата кои тие секојдневно ја имаат повеќе од една година, рече Петровска и порача дека нема да се отстапи од таквата заложба.
Од македонското МО додаваат дека земјата досега во десет наврати донираше воена и хуманитарна опрема за одбрана на Украина од руската агресија.
– Остануваме отворени доколку има потреба од донација на оружје или каков било вид на вооружување кое го поседуваме, а кое согласно прописите во нашата армија не е неопходно и може да биде дадено, заклучи Петровска.
Романија понуди користење на своите бази од почетокот на руската инвазија за да биде домаќин на инструктори од други земји за обука на украински борци. А во ноември оваа година таа отвори и центар за обука за украинските пилоти за да научат да летаат со борбени авиони Ф-16 обезбедени од Западот во иднина.
Во август Грција понуди обука на украински пилоти Ф-16, но не на своја територија. Словенија се приклучи на напорите за обука во 2022 година, но ги испрати своите инструктори на местата за обука во Германија.
Минатата година Хрватска размислуваше за отворање на своите бази за обука на украинските копнени сили, но потегот беше блокиран од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.