Победа против Гибралтар

Македонската А репрезентација го запиша првиот триумф во Лигата „Ц“ од Лигата на нации против Гибралтар со конечен резултат 0:2.

Ова е важен триумф за избраниците на селекторот Благоја Милевски кој, како што најави, доста ротираше со оглед на згуснатиот јунски распоред, бидејќи веќе на 9 јуни ги очекува дуелот во Скопје против Грузија.

На нашиот прв гол се чекаше до 21 минута кога по еден изведен корнер на Барди кој го пронајде Алиоски, овој ја врати топката до играчот на шпанскиот Леванте кој се ослободи од неколку противнички играчи и од непосредна близина убаво стрелаше во домашната мрежа. За Барди ова е вкупно 10 гол во националниот дрес.

Позитивата до паузата можеше да биде уште поголема, на самиот старт Трајковски постигна гол, но истиот беше поништен поради офсајд. А само неколку минути М. Ристовски можеше да се запише во листата на стрелците, но ја погоди пречката.

Пред голот на Барди можеше да се случи голем шок за нашата селекција, во 18 минута Муслиу невнимателно реагираше, во намерата да ја врати топката до голманот Илиев, не виде дека во близина се наоѓа домашен играч кој ја украде топката се најде во идеална шанса, но за наша среќа го погоди надворешниот дел од мрежата.

Пред крајот на првото полувреме Спировски упати еден силен удар, а со крајни напори одбрани голманот на Гибралтар Колинг. Во вториот дел Гибралтар играше нешто подобро, со повеќе закани кон нашиот гол, но Илиев не дозволи ниту еднаш да биде матиран.

До вториот гол чекавме до 84 минута, Барди започна нова акција, го пронајде Дор. Бабунски кој со убаво чувство ја упати топката до Николов, а овојпат ја искористи невнимателноста во домашната одбрана и стрелаше во мрежата на Гибралтар за поставување на конечниот епилог.

За Николов ова е четврти погодок за македонската А репрезентација.

За Македонија играа: Илиев, Тодоровски, Серафимов, Муслиу, Алиоски (Ашковски 65`), Николов, Спировски (Ристевски 46`), Барди, Елмас (Дав. Бабунски 65`), Трајковски (Миовски 57`), М. Ристовски (Дор. Бабунски 57`).

Лига на нации,
Лига „Ц“, група 4
Табела:

-Грузија 6
-Македонија 4
-Бугарија 1
-Гибралтар 0

Останати вести