Поголем увоз на работна сила и олеснување за пензионерите да работат

Една од најважните одлуки која се слушна на вториот Самит за вработување и вештини е дека владата на Албанезе ќе го зголеми бројот на квалификувани мигранти на 195.000 места за оваа финансиска година, за да помогне во пополнувањето на тешкиот недостаток на работна сила.

Втората важна информација е дека владата планира да ги ублажи правилата за  постарите да можат да работат дополнителни часови без губење на правото на пензија.

Таа мерка е исто така осмислена да го ублажи недостатокот на работната сила и беше една од 36 „конкретни планови“ кои ги означи благајникот Џим Чалмерс во завршниот говор за време на самитот.

„За да добиеме повеќе постари австралиски работници како работна сила, мораме да ги олесниме различните работни тестови“ – истакна Чалмерс.

Државниот благајник најави дека пензионерите ќе добијат еднократна можност да заработат дополнителни $4.000 во текот на оваа финансиска година, без разлика на пензијата.

Претходно министерката за внатрешни работи Клер О’нил најави зголемување на трајните граници за миграцијата од 160.000 на 195.000 во 2022/23 година.

Подигнување на годинешното ограничување, за да се пополнат „празнините“ сред сериозниот недостаток на работници во повеќе сектори, беше клучна точка на дискусијата која и претходеше на самитот.

Министерката О’нил истакна дека промената би можела да значи дека илјадници медицински сестри и инженери ќе се населат во земјата.

„Напоменувам ова ќе значи 34.000 места во регионите за годинава, 9.000 повеќе од претходно најавеното“ – истакна таа.

Според неа мерките ќе вклучуваат зголемување на бројот на визи кои ги спонзорираат државите и териториите од 11.000 за минатата година на 31.000.

„Денес не постои област што ужива универзална поддршка, а квалификуваната миграција е област каде што речиси сите се согласуваат дека е неопходно да се подигне постојаната миграциска граница за годинава“ – објасни министерката О’нил.

Како што истакна Чалмерс, постојат неколку чекори кои би можеле да се превземат многу брзо, за да се реши прашањето на миграција.

Тука влегуваат и мерките за решавање на сериозно заостанување во обработката на визите.

„Имаме големо заостанување кога се во прашање визите. Многу компании и работодавачи се ‘фатени’ во тој систем“ – вели тој.

Чалмерс истакна дека недостатокот на стамбен простор ќе биде клучен при носење на било која одлука за да се отстрани јазот во миграцијата.

„Сметаме дека треба одговорно и внимателно да ги укинеме ограничувањата за квалификуваните мигранти, но не изолирано од домувањето, ниту како замена за обука или вклучување на поголем број Австралијци во работната сила“ – нагласи државниот благајник.

Бидејќи недостатокот на стамбениот простор е клучно прашање кое влијае на мобилноста на работната сила и способност да се поттикне миграцијата, Чалмерс вели дека владата планира да привлече повеќе средства од супер-фондовите во стамбени проекти.

„Ќе овозможиме $575 милиони во Националниот фонд за станбена инфраструктура да се инвестираат во пристапно домување со привлекување на финансирања од супер-фондови и други извори на приватен капитал. Значи, постои важен чекор во социјалното и пристапното домување“ – нагласи благајникот.

Владата, исто така, се обврза да даде милијарда долари за заедничко финансирање на сојузните држави за бесплатно образование и вештини преку TAFE во 2023 година. Покрај тоа, ограничувањата за работа на меѓународните студенти исто така ќе бидат ублажени, а издвоени се и дополнителни средства за отстранување на заостанувањето во обработка на визите.

Миграцијата ги зголемува платите?

Економистот Рос Гарант за време на Самитот излезе со мислење дека квалификуваната имиграција веројатно ќе ги зголеми реалните плати.

„Голема е веројатноста просечните реални плати да се зголемат, а не намалат, затоа што програмата повеќе е фокусирана на трајната миграција на луѓе со вештини кои навистина недостасуваат и претставуваат ‘тесно грло’ во производството, а кои не можат да се обезбедат со обука на Австралијци“ – објасни Гарант.

Останати вести