Материјална штета т.е. износот на земените пари за хемофилтрација што ја утврдила истрагата е А$2.5 милиони
Скопското јавно обвинителство, по обемна истрага, поднесе обвинение против кардиохирургот д-р Жан Митрев и неговата болница “Жан Митрев“ за кривично дело „измама”. За ова дело е предвидена казна затвор од една до 10 години.
За Митрев е поднесен обвинителен акт, а за правното лице – болницата, кое може да се казни само парично, поднесен е обвинителен предлог.
Оваа истрага беше отворена по допрен глас, по тв-прилогот на ИРЛ “Нечиста крв“, а подготвен од истражувачки тим на новинари во Скопје.
ОЈО го товари д-р Митрев дека со прикривање факти донел во заблуда 283 пациенти болни од ковид дека хемофилтрацијата лечи од ковид. Попрецизно, дека така ги лекува тешко болните пациенти со компликации.
Во светот се применува хемофилтрација, но никако како алтернативен метод на лекување, како што според Обвинителството, ги доведувал во заблуда Митрев, со цел да стекне противправна имотна корист.
Во светот има студии за можна примена, можни ефекти на примената на хемофилтрација, но има и студии за ризици ако се применува.
Во обвинението не се државните институции кои го слушале Митрев како го рекламирал овој метод како лек, а ништо не презеле.
Тоа не е кривична одговорност, смета Обвинителството. И во други држави се користел овој метод, но на семејствата им ги кажувале овие факти како и фактот дека хемофилтрацијата не е алтернатива која лекува. Не им биле криени факти и не биле доведувани во заблуда.
Материјална штета т.е. износот на земените пари за хемофилтрација што ја утврдила истрагата е 97,5 милиони денари.
За поднесеното обвинение од болницата „Жан Митрев“ велат дека станува збор за лакрдија од неосновани напади, која што ќе мора да се докаже на суд.
– Ќе се докажуваме ако треба и сто години. Ова е лакрдија, бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО, се вели во соопштението од болницата.
Оттаму додаваат дека болницата работи според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење, кај нас и во светот.
Шпекулации се дека Заев или Филипче сакале да ја купат клиниката
Д-р Жан Митрев се сомнева на некои од вработените за кои тврди дека веќе се вработиле во конкурентски болници и изнесувале неточни информации со цел да му наштетат на угледот личен и на клиниката.
Шпекулации се вели информациите кои кружат во јавноста дека поранешниот премиер Заев заедно со поранешниот министер за здравство Филипче сакале да ја купат клиниката.
Клиниката „Жан Митрев“ имала понуди да биде купена од над 4 странски фондови, кои пред ковид пандемијата нуделе големи суми на пари. Но, по емисијата на ИРЛ и завршувањето на пандемијата, истите тие фирми понудиле помалку пари кои за д-р Митрев се неприфатливи.
Неговата намера била да продаде 51% од сопствеништвото, и за тоа слушнале големи фондови и компании, но и покрај претходно добрите понуди, Митрев одбил да ја продаде клиниката затоа што сакал да го заврши проектот на целосна дигитализација на болницата, која успеал да ја оствари за време на ковидот во 2020-та година.
Тој не беше конкретен дали зад сето ова стои извесен американски фонд со потекло од Албанија.
Вели дека најмногу се целело на оној дел каде што е најсилна клиниката, а тоа е интензивното лекување.
Инаку, во 2019 година клиниката Жан Митрев имала чист профит од над $А6 милиони. Митрев вели дека таа била најуспешна болница во последните пет години во земјата.