Пожари низ Македонија: Драматично во Богомила, Ивањевци, Лознани и Новоселани

Во текот на изминатата седмица Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрираше речиси 100 пожари на отворен простор низ Македонија. Само кон крајот на неделата (14–15 август) беа забележани 40 пожари, при што се активни останаа шест позначајни жаришта во шуми и ниска вегетација, под контрола три и изгаснати 31 пожар.

Драматично било во пелагониските села Ивањевци, Лознани и Новоселани, како и во село Богомила во општина Чашка. Огнот се приближил до првите куќи на овие населни места, а во Лознани изгоре една напуштена куќа на кракот од селото.

Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) им се заблагодари на ангажираните тимови на ДЗС и ја пофали пожртвуваноста на населението кое ги бранело своите куќи, како и брзата реакција на  локалните пожарникари и од доброволните друштва. Ја издвои храброста на 34-годишниот тракторист Александар Чепиговски од село Ивањевци, кој со својот голем трактор орал директно низ огнот и придонел за гасење делови од огнената линија. Соопшти и дека еден жител бил повреден и пренесен во болница поради изгореници на дланките.

Како сериозен го оцени и пожарот кој трае неколку дена на територијата на Македонски Брод. Се работи за тешко пристапен карпест терен.

Во гаснењето на сите пожари активирани биле над 200 лица, модификувани „пинцгауери“ со резервоари со вода како и „ер-трактори“ од воздух.

Сопственик на запалена плевна нападнал пожарникари – револтиран од доцнењето на помошта

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов објави за случај во кој прилепчанец, кому му изгорела плевната во која чувал поголемо количество тутун, нападнал пожарникари кои дошле да го гасат огнот. Двајца пожарникари пристигнале и се обиделе да го изгаснат објектот кој бил во пламен, но човекот упорно ги оттурнувал и ги спречувал да гасат.

Ангелов претпоставува дека тој бил револтиран затоа што очекувал пожарникарите да пристигнат побрзо и во поголем број. 

Ангелов појаснува дека граѓаните не треба да ги сметаат пожарникарите за „супермени“ и дека има повеќе причини зошто тие се појавуваат на место каде треба да гасат задоцнето, односно не во времето кога луѓето ги очекуваат. 

– На пожарникарите секако им треба време да стигнат до местото на пожарот. Го разбирам човекот кој претрпел голема материјална штета, но да ги оставел пожарникарите да работат можеби штетата ќе била помала. Исто така не размислил дека тие можеби претходно биле на некоја друга задача, а некогаш во исто време се реагира на две локации, па затоа се разделуваат и доаѓаат во помал број, рече Ангелов.

Останати вести