После четири години со затворени порти официјално констатирано дека “Македонско село“ е пропадната инвестиција

Службата за општи и заеднички работи на Владата до Бирото за јавни набавки испратила допис дека на 23 август 2022 конечно е раскинат договорот за јавно-приватно партнерство за стопанисување и управување со комплексот “Македонско село“ на Водно, кај селото Нерези.

Во објавата на системот за јавни набавки стои дека последната вредност на договорот со приватниот партнер „Квинс хотел“, во јавноста познат како сопственост на “Тинекс МТ“, односно на бизнисменот Владимир Тодоровиќ, изнесува 6.840.016 денари, што значи дека државата од партнерството заработила само 112.000 евра (околу А$163,000).

А инаку целокупната инвестиција за изградба на овој проект ја чинеше државата 5,2 милиони евра плус 1,3 милион евра потрошени за внатрешното уредување (вкупно 6,5 милиона евра или тогашни околу А$10 милиона) и плус 30.900 евра за три електромобили со кои се пренесуваа куферите на гостите во селото.

Градбата започна во 2015 година а договорот со „Квинс хотел“ беше потпишан на 11 јануари 2016 и требаше да трае 240 месеци, односно 20 години. Месечната кирија која требаше да ја плаќа концесионерот изнесуваше 3.500 евра. Уште тогаш беше пресметано дека со таа кирија државата би ги вратила вложените пари за 155 години. Но целта не беше државата да заработи туку да има репрезентативен комплекс кој на едно место би ја претставувал разноликоста на државата.

„Македонско село“ првпат беше отворено истата 2016 година, но по само две години – на 18 октомври 2018  фирмата на Тодоровиќ еднострано се повлече од договорот и донесе одлука за затворање на “Македонско село“ поради, како што рекоа, работење со загуба. Од Владата тогаш му забележаа на концесионерот дека отказот го направил без потребната најава од шест месеци однапред и оти ќе биде активирана банкарската гаранција од 43.000 евра.

Оттогаш наваму никој не знае што ќе се прави со убавиот комплекс, а пред две години Владата извести дека местото би можело да послужи за проект стартап-село, каде што младите од земјата и странство ќе имаат можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци. Тој проект никогаш не заживеа.

Останати вести