Светиот архијерејски синод на Православната црква во Америка донесе одлука за признавање на каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и целосно евхаристиско општење со нејзините епископи, свештенство и верници.
Оваа одлука, како што пренесува „Литургија.мк“, е соопштена од страна на поглаварот на Православната црква во Америка, архиепископот Вашингтонски и митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон во неговиот извештај од 15 јули 2025 година.
Канцелариите на митрополитот Тихон и архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан се во комуникација и планираат сослужување помеѓу двајцата претстоители, кое треба да се одржи во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон.
Ова сослужување, како што информираше митрополитот Тихон на Сеамериканскиот Собор, ќе биде крунисано со свечено признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, која го зазема своето место покрај Православната црква во Америка како целосно автокефална помесна православна црква – се вели во известувањето на официјалната веб странница на Православната црква во Америка.
Уште поголемо оддалечување со Вселенската партијаршија, па што ако…
Сослужувањето со ПЦА веројатно ќе стане уште еден клин во односите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија (и сите други хеленски православни цркви). Имено автокефалијата на ПЦА е признаена еднострано од Руската црква во 1970 но ова не е валидно за Вселенската патријаршија која смета дека само та може да го издаде конечниот томос за нечија црковна самостојност. Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, досега неколкупати одбиваше да го дозволи учеството на американските поглавари на заедничките служби на православните поглавари по повод значајни годишнини од историјата на христијанството.
Ова укажува дека најавената заедничка служба меѓу македонскиот архиепископ Стефан и американскиот митрополит Тихон нема да биде поздравено од Вселенската патријаршија. И тоа во период кога односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија се практично замрзнати поради барањата што ги има црковен Цариград кон нашата Црква за да ѝ издаде томос за автокефалност: откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина. Третиот услов – за признавање на Православната црква на Украина – беше поставен откако пред две години нашата Црква донесе став да не сослужува со неа додека не биде признаена од сите други православни цркви. Барањето е МПЦ-ОА да почне да сослужува со украинските црковни достоинственици.
Под овие услови секаква помисла за понатамошен дијалог со Фанер е бесмислен и дури штетен за Македонците.
Но, во МПЦ-ОА се надеваат дека нема да има влошување на комуникацијата и односите со Вселенската патријаршија. Црковни извори во Синодот изјавиле за „Вечер“ дека многу работи ќе бидат појасни откако ќе се одржи заедничка служба во Вашингтон.
– Тоа треба да се одржи во блиска иднина, околу тоа во комуникација се кабинетите на поглаварите. Чинот на сослужување ќе значи дека од наша страна се признава канонскиот статус на ПЦА, нејзиното постоење како црква. Но, одлуката дали ќе ѝ го признаеме автокефалниот статус ќе биде донесена по тоа, по информирањето на нашиот Синод, кој ќе се произнесе околу тоа. Тогаш и ќе се прецизираат финесите во нашите меѓусебни односи. Инаку, од наша страна не беше побарано посредување на српскиот патријарх, Порфириј, рекле изворите од Синодот.
Таму се надеваат дека реакцијата на Вселенската патријаршија нема да биде остра и нема да предизвика поставување нов услов за наше добивање томос од Цариград.