Премиерот Христијан Мицкоски на последната собраниска седница за пратенички прашања пред локалните избори имаше дуели со Венко Филипче (СДСМ) и Димитар Апасиев (Левица).
Филипче го запраша премиерот зошто веќе не ја демистифицира аферата со прислушкување од 2019 до 2024 која ја ја отвори ВМРО-ДПМНЕ? Односно зошто не ја повика АНБ едноставно да ги стави на јавен увид материјалите на кои се повикува и Мицкоски (дека бил следен заедно со неговото семејство, заедно со бројни тогашни политички противници, новинари, бизнисмени), кога Законот вели дека институцијата која ги создала тајните документи единствена може и да ги декласифицира?
Па сите да видиме и да се утврди дали имало злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност.
– Зошто не дозволувате декласификација на сите тие материјали, секако со заштита на идентитетот на сите луѓе чии што податоци треба да останат доверливи, за јавноста конечно да дознае дали имало злоупотреба или не. Дали некој го прекршил законот или не? Треба ли некој да одговара?, праша Филипче, додавајќи дека целата приказна и почна од премиерот, кој објави дека постојат индиции за негово следење.
Мицкоски одговори дека случувањата не се од сега, туку се одвивале во континуитет со години наназад. И дека АНБ ги дала документите во Јавното обвинителство кое сега е надлежно за случајот.
– Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ги доставиле материјалите поврзани со аферата со прислушувањето до Јавното обвинителство. Сега треба да се почека одлуката на Обвинителството, кажа премиерот и продолжи:
– Но најмал проблем е што јас сум бил следен, туку дека биле „покривани“ и членови на тогашната Влада на СДСМ, како и новинари и бизнисмени. Некои други, пак, креирале вештачки белешки за некои луѓе да завршуваат во притвори, невистинити белешки. Вие ги праќате тие луѓе по светот да бидат аташеа. Јас нема да навлегувам во деталите.
Воедно Мицкоски внесе уште еден сегмент во аферата: дека биле следени и членови на владите во тоа време и запраша дали поранешните двајца премиери биле информирани за ваквите активности.
– Тоа е суштината, но тоа е периодот кога тој бил премиер (Димитар Ковачевски, н.з.). Пред него друг бил премиер (Зоран Заев, н.з.) и не знам дури дали тој знаел дека тоа било. Оставете ме мене, јас сум ви бил политички противник, решил некој таму да се заигра малку повеќе, во ред разбирам, нема проблем. Ама во самата ваша Влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Затоа ви велам повторно ве носат во длабоко. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми, рече Мицкоски.
Од трагедијата во Кочани до стан во Виена, вила во Хрватска…
Сепак пожестока беше дебатата помеѓу Димитар Апасиев и Христијан Мицкоски. Лидерот на Левица и пратеник ги нападна премиерот и ВМРО-ДПМНЕ за лицемерство и заведување на народот. Препукувањето на крајот се сведе на споредба на тоа која од двете партии има поголем имот и кој „краде“ од народот повеќе.
Апасиев зборуваше за поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со сопственикот на агенцијата „Рубикон“, која го обезбедувала објектот на дискотеката „Пулс“ во Кочани во која во пожар починаа 63 лица, а околу 250 се повредени. Тој од говорницата го праша премиерот дали ќе остане на зборот дека ќе си поднесе оставка ако се докажала поврзаноста на агенцијата на Нацев со ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Мицкоски во одговор покажа документи (изводи од банкарската сметка на опозициската партија) и списоци за коишто рече дека ги добиле од свиркачи во врска со партискиот објект на Левица и од кои исто така, како што кажа, се гледа дека претседателот на Левица Димитар Апасиев и кандидатот за градоначалник на Скопје на оваа партија, пратеникот Амар Мициновиќ, си префрлувале пари од сметката на Левица.
Имено познато е дека Левица го има купено поранешниот хотел „Опера хаус“ (четири нивоа) за 250.000 евра, оти два–три месеци се преговарало со Унибанка за зделката. Парите се од годишните државни субвенции за Левица (според Законот партиите добиваат пари од Буџетот според изборните резултати: ВМРО-ДПМНЕ – 7.5 милиони евра, СДСМ – 6.8 милиони евра, ДУИ – 3.4 милиони евра, Алијанса – 1.4 милиони евра, Левица – 1.1 милион евра…).
Премиерот читаше и споменуваше суми – 20.000, 30.000 денари… кои легнувале на приватните сметки на Апасиев и Мециновиќ.
– Еве овде пред мене имам банкарски изводи од сметката на Левица од кои се гледаат стотици трансакции на пари префрлани на трансакциска сметка на Апасиев. Еве ги сите трансакции како ја молзете и како ја цицате Левица односно парите коишто граѓаните ги уплаќаат во Буџетот. Вие треба да одговорите дали е точно или не е, рече Мицкоски.
Апасиев одговори дека Мицкоски е единствен премиер во Европа кој не одговара прашања на пратеници, туку поставува прашања до нив. Потврди дека го купиле имотот на партијата со хипотека и потоа прочита бројка од список од 102 имоти на ВМРО-ДПМНЕ и дека партиското седиште и вреди 8 милиони евра.
– Немаме ние вили во Хрватска, немаме станови во Виена, немаме фирми во Белград заедно со Анѓушев за да делиме од тендери, немаме скапи саати, му рече Апасиев на премиерот и на крајот го покани да дошол во седиштето на Левица „да испијат кафе“.
– Убаво го средивме. Јас кај вас сум бил, заврши Апасиев.