Прва лига на НЈВ – 14. коло, Сиднеј Македонија – Интер Лајонс 0:3

Екипата на Сиднеј Македонија претрпе тежок и неочекуван пораз на домашен терен од Интер Лајонс со резултат 0:3.

Гостите, кои и пред и по овој натпревар се наоѓаат на дното на табелата, ја забележаа својата прва победа по 13 одиграни кола, и тоа токму на гостувањето на „Џенсен Парк“. Иницијативата ја презедоа уште во првото полувреме, кога во 30. минута го постигнаа воведниот гол.

Во продолжението Интер Лајонс целосно ја контролираше играта и уште двапати ја затресе мрежата на домаќините – во 70. и 76. минута, за конечни и убедливи 0:3.

Натпреварот остави големо разочарување кај навивачите на Сиднеј Македонија, со оглед на очекувањата и формата на противникот. Дополнителен проблем за тимот претставуваат и повредите на неколку стандардни првотимци, што секако влијаеше врз настапот, но не може целосно да го оправда ваквиот исход.

Во следното коло, на 8 мај (петок), Сиднеј Македонија ќе гостува кај Проспект Јунајтед, во натпревар што ќе започне во 20:00 часот.

Останати вести