Во Мелбурн во салата “Jack Dyer Pavilion” во Ричмонд се одржа предавањето „Tracing the Footprints Left by Our Macedonian Great Grandmothers as a Way of Understanding Ourselves“, што го одржа истражувачката д-р Пандора Петровска. Настанот привлече околу 100 посетители.
Во своето излагање, д-р Петровска зборуваше за историските страдања на Македонците за време на распадот на Отоманската империја и поделбата на Македонија, со посебен осврт на улогата и судбината на македонските жени од Егејска Македонија.
Предавањето опфати анализа на меѓународни документи и историски извори кои сведочат за масовните преселби, конфискацијата на имот и политиките на асимилација по Балканските војни. Беше истакнато дека овие процеси имале длабоко влијание врз животите на македонските семејства, особено врз жените, кои биле чувари на јазикот, традицијата и народната меморија.
Посебно внимание беше посветено на македонските народни песни како „жив архив“ на колективната меморија и историското искуство на народот. Д-р Петровска говореше и за четири македонски хероини, меѓу кои и Мирка Гинова, како и нејзината прабаба Цвета Груева од Егејска Македонија.
Во предавањето беше допрен и Преспанскиот договор од 2018 година, за кој предавачката оцени дека има негативни последици врз македонскиот идентитет и историско наследство.