Незадоволни граѓани секој ден продолжија со протестите против носењето на спорниот закон. Демонстрантите се собираат пред зградата на Парламентот на Викторија со транспаренти на кои се напишани пароли против „пандемискиот закон“ и владата.
Но, вистинска бура на реакции во јавноста предизвика импровизираната бесилка која беше донесена пред Парламентот, а на која беше обесена кукла со ликот на премиерот Даниел Ендрјус. Демонстрантите извикуваа „Обесете го Ден Ендрјус“.
Многумина ја осудија оваа постапка, а меѓу нив и лидерот на Лабуристичката партија на сојузно ниво, Ентони Албанезе.
„Мирните протести се фундаментално право на нашата демократија. Но, за насилните сцени од Мелбурн нема место во демократија и тие треба да бидат осудени од сите политички лидери“ – рече Албанезе.
Полицијата во Викторија потврди дека знаела за бесилката која се појавила на протестот, но констатирала дека не добиле никакви официјални поплаки по тој повод. Се наведува и дека ќе биде покрената истрага, доколку се пожали премиерот или кое било друго лице.
За викендов се одржаа големи протести против задолжителната вакцинација низ повеќе градови во Австралија но во Мелбурн беа најмасовни. Демонстрантите излегоа на улиците во Мелбурн да искажат незадоволство од Владата на Даниел Ендрус. Тие беа гласни против предложениот предлог-закон за пандемија и вакцинација, а помеѓу знамињата го забележавме и македонското знаме.
Извикувајќи „Слобода, слобода“ и носејќи знаци на кои пишува „Стоп за сегрегацијата сега“, демонстрантите маршираа низ центарот на Мелбурн.
Демонстранти се собраа и во Сиднеј, Бризбејн, Перт и други градови. Еден натпис во Сиднеј гласеше: „Мојот живот не е владин, туку дар од Бога“.
На национално ниво 85 отсто од од населението постаро од 16 години е целосно вакцинирано против коронавирусот.
Иако вакцинацијата во Австралија е доброволна, сојузните држави и територии ја пропишаа како обврска за многу професии и занимања и забранија одредени активности за невакцинираните, како што се јадење во ресторани или одење на концерти.
