Јанкулоска признала вина за сите дела за кои е обвинета, а Протуѓер и Јанакиески признаа за речиси сите освен за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања
Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на бившиот премиер Никола Груевски, Мартин Протуѓер, како и пет други обвинети во „Титаник“ признаа вина, некои за сите дела, некои за дел од делата. Во овој случај тие се гонат за повеќе дела како: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал.
Признавањето вина доаѓа откако случајот „Титаник“ почна од почеток (по третпат) бидејќи имаше промена на поротник во судечкиот совет.
Јанкулоска признала вина за сите делата за кои се гони, а Протуѓер и Јанакиески не признаа само за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања (спорните уплати на донации од членови кои тврдеа дека никогаш не донирале). Меѓу осумтемина што признаа вина е и поранешната заменик-министер за правда Билјана Бришковска-Бошковска.
Дел од нив рекоа дека ќе преземаат одговорност како морален чин, како и дека сметаат оти овој судски процес не ни требало да почне со оглед на помилувањата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Судењето за Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски и останатите кои не се чувствуваат виновни продолжува на 9 март, а за обвиниетите кои признаа вина на 28 февруари.
Освен поранешниот премиер Груевски во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Случајот „Титаник“ го води судијата Осман Шабани, додека, обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.