Фудбалскиот клуб Престон Македонија јавно се огласи по инцидентите што се случија на натпреварот против Саут Мелбурн, нагласувајќи дека однесувањето на мала група навивачи е целосно неприфатливо и не ги претставува вредностите на клубот.
Во официјалното соопштение раководството на клубот изрази искрено извинување до сите кои биле вознемирени од навредливите транспаренти и однесувањето на поединци. Од клубот потенцираат дека таквите постапки не ги одразуваат ставовите на огромното мнозинство членови, навивачи и волонтери на Престон Македонија.
Извршниот комитет соопшти дека активно соработува со Football Victoria во идентификувањето на одговорните лица, кои ќе добијат забрана за присуство на натпреварите на клубот, а нивните податоци веќе се доставени до федерацијата за понатамошна дисциплинска постапка и дополнителни санкции.
Како последица на инцидентите, Football Victoria одлучи следните два домашни натпревари на Престон Македонија да се одиграат без присуство на публика. Истовремено, федерацијата испрати и сериозно предупредување пред финалето на Докерти Купот, кое е закажано за 8 август, и во кое ќе се игра со Хајделберг Јунајтед на стадионот „Лејксајд“, со почеток во 14:30 часот.
Иако од клубот изразија разочараност поради ваквата одлука, потсетувајќи дека само неколку дена претходно успешно беа домаќини на натпревар со Њукасл Џетс пред околу 5.000 гледачи без ниту еден инцидент, тие истакнаа дека ја почитуваат одлуката на Football Victoria и ја разбираат потребата од враќање на довербата во натпреварувањето.
„Фудбалот е поголем од кој било клуб, навивачка група или поединец. Сите имаме одговорност да ја отфрлиме дискриминацијата, да го осудиме однесувањето што ја дели заедницата и да обезбедиме спортот да остане место каде секој ќе се чувствува добредојдено, безбедно и почитувано“, се наведува во соопштението.
Од Престон Македонија порачаа дека ќе извлечат поука од случувањата, ќе преземат целосна одговорност и ќе продолжат да работат на спречување на вакви инциденти во иднина, повикувајќи ја целата фудбалска заедница да застане зад оваа заложба.