Престон Македонија го освои МАСО Купот за 2026 година

Македонскиот национален фудбалски куп „MASO CUP“ се одржува од 2008 година и претставува најголемиот собир на македонските фудбалски клубови во Австралија

Минатиот викенд во Мелбурн заврши годинашното издание на националниот МАСО Куп 2026, а домаќин на овој тридневен фудбалски и културен настан беше фудбалскиот клуб Престон Македонија. Како и секоја година, МАСО Купот ги обедини македонските фудбалски клубови од цела Австралија и уште еднаш ја потврди својата улога како симбол на спортот, македонската култура и заедништвото во дијаспората.

Во финалниот натпревар на првите екипи, одигран во неделата, силите ги одмерија Престон Македонија и Сиднеј Македонија. Домаќините беа поуспешни и со сигурна игра извојуваа победа од 2:0, со што заслужено го освоија трофејот на МАСО Купот за 2026 година.

Во финалето за играчи до 21 година настапија екипите на Алтона Меџик Вардар и Рокдејл Илинден, при што гостите од Сиднеј славеа убедлива победа од 0:3. Кај подмладокот, екипата на Пленти Вали Лајонс беше поуспешна од Кејлор Волци.

Победници во категориите ветерани над 35 и над 45 години станаа екипите на Јагуна Лајонс, кои прикажаа одлични настапи и богато искуство на теренот.

На годинашниот МАСО Куп учество зедоа следните клубови: Јагуна Лајонс, Арнклиф Скотс, Шелхарбор, Алтона Меџик Вардар, Нобл Парк Македонија, Шепартон Македонија, Кејлор Волци, Пленти Вали Лајонс, Саншајн Лајонс, Квинбијан Сити, Волонгонг Јунајтед, Крингила Лајонс, Лајлa Слога, Сиднам Парк, Џилонг Македонија, Рокдејл Илинден, Сиднеј Македонија и домаќинот Престон Македонија.

Честитки до фудбалскиот клуб Престон Македонија за одличната организација и успешното домаќинство на МАСО Купот 2026, како и до сите учесници кои придонесоа овој настан повторно да биде вистински празник на спортот и македонската заедница.

Освојувачи на МАСО Купот низ годините

  • 2026 – Престон Македонија
  • 2025 – Рокдејл Илинден
  • 2024 – Бенкстаун Лајонс
  • 2023 – Алтона Меџик Вардар
  • 2021–2022 – не се одржа (поради пандемијата на КОВИД-19)
  • 2020 – Рокдејл Илинден
  • 2019 – Рокдејл Илинден
  • 2018 – Бродмедоу Меџик
  • 2017 – Рокдејл Илинден
  • 2016 – Рокдејл Илинден
  • 2015 – Рокдејл Илинден
  • 2014 – Алтона Меџик Вардар
  • 2013 – Рокдејл Илинден
  • 2012 – Бенкстаун Лајонс
  • 2011 – Рокдејл Илинден
  • 2009 – Арнклиф Скотс
  • 2008 – Алтона Меџик Вардар
Јагуна Лајонс беа најуспешни во натпреварувањата над 35 и ветераните над 45 години
Јуниорите на Пленти Вали Лајонс беа шампиони во својата возрасна група
Публиката ги следеше натпреварите на жешкото време
Престон Македонија е шампион на МАСО купот за 2026 година

Останати вести