Претседатели на девет НАТО-членки го поддржаа приемот на Украина

Претседателите на НАТО земји-членки од Централна и Источна Европа со заедничка изјава во врска со одлуката на Русија за нелегално анектирање на украински територии нагласија дека никогаш нема да  го прифатат тоа.

– Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија. Цврсто стоиме на одлуката од НАТО Самитот во 2008 година во Букурешт за членството на Украина во иднина. Даваме целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараме од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваме сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина. Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата – се вели во заедничката изјава потпишана од: Милош Земан, претседател на Чешка; Алар Карис, претседател на Естонија; Егилс Левиц, претседател на Латвија; Гитанас Науседа, претседател на Литва; Стево Пендаровски, претседател на Македонија; Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора; Анджеј Дуда, претседател на Полска; Клаус Јоханис, претседател на Романија; Зузана Чапутова, претседателка на Словачка.

Радев од Бугарија одби да се потпише за Киев во НАТО

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, одби да го потпише целосниот текст на декларацијата на деветте земји од Источна Европа.
Тој тоа го одбил поради членот во кој се дава поддршка на влезот на Украина во НАТО, соопшти кабинетот на бугарскиот претседател.
Документот од 2 октомври го потпишаa претседателите на Романија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Словачка, Полска, Црна Гора и Македонија.
„Румен Радев не се согласува со целосниот текст на декларацијата, која ја усвоија некои земји од Источна Европа за членството на Украина во НАТО. Претседателот ги поддржува другите позиции во документот“, се наведува во соопштението.
Иако Бугарија ја потпиша декларацијата за идно членство на Украина на НАТО самитот во Букурешт во 2008 година, тоа тогаш се случуваше во сосема поинаква безбедносна ситуација.
Радев смета дека одлуката за членство на Украина во НАТО треба да се усвои дури откако Русија и Украина, како страни во конфликтот, ќе разработат, прифатат и реализираат јасни параметри за мирно решение.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Украина поднесува барање за забрзано влегување во НАТО.
Постапката за прифаќање на Украина во НАТО е избрзана, изјави потоа советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џејк Саливен. Генералниот секретар на воениот пакт Јенс Столтенберг, коментирајќи го барањето на Зеленски, истакна дека НАТО ќе продолжи да му помага на Киев да се одбрани.
Кина предупреди дека внесувањето на Украина во НАТО е најкусиот пат за да се предизвика нуклеарна војна.

Останати вести