Претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за помилување на вкупно пет осудени лица – едно е целосно ослободено од натамошно издржување казна а на четири им се намалени казните од 3 до 8 месеци.
Потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор поранешниот адвокат Александар Петровски. Делумно се ослободуваат од издржување казна затвор лицата Абдуљфета Алими (во траење од 8 месеци), Неџмедин Матоши (4 месеци) Димитар Мишков (3 месеци) и Џафер Небија (5 месеци).
Абдуљфета Алими е членот на собраниското обезбедување кој беше осуден за настаните од 27 април 2017, за кого, пак, лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Сеља тврдеше дека му го спасил животот. И покрај помилувањето Алими има да издржува уште казна затвор. Тој беше правосилно осуден на 6 години затоа што му ги дал клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски (началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски). Алими на судењата тврдеше дека само постапувал по наредба на надредените и дека во моментот кога му ги дал клучевите на Ѓошевски, едната собраниска врата веќе била отворена.
Помилувањата се спроведени согласно законска процедура и дека сите лица кои се помилувани ги исполнуваат условите за такво нешто.
Претседателот Пендаровски го прескокна традиционалното помилување за Нова Година зашто изби скандал со листата која како предлог ја добива од Министерството за правда. На таа листа се наоѓаа 48 лица, а меѓу звучните имиња беа бизнисменот Сеад Кочан, Александар Василевски-Нинџа (сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година), кумановецот Бобан Илиќ (осуден за прегазувањето на 4-годишниот Алмир во Куманово).
По реакциите во јавноста, Министерството за правда ја повлече листата иако процедурата е таква што крајниот збор го има претседателот – кого и дали воопшто ќе помилува некого.
Шефот на државата Стево Пендаровски досега во својот мандат најчесто давал делумни помилувања, со тоа што им крател 3 до 8 месеци од казните на осудениците, додека целосни помилувања давал само кога здравствената состојба на лицата е во животно загрозувачка. Александар Петровски потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор, бидејќи станува збор за граѓанин со тешка и животозагрозувачка здравствена состојба. Не станува збор за повратник од странски боишта, рекоа од Кабинетот на Претседателот на Републиката.
Од Претседателскиот кабинет уште нагласуваат дека основните предуслови некој да биде помилуван се во насока тој да има добро поведени, да покажал каење за стореното дело, да почнал со отслужување на казната и да не станува збор за повторник или лице кое има повеќе дела за кои треба да одговара и во иднина.
Оттаму објаснуваат дека постојат и два вида на помилување:
– редовни, по индивидуални барања;
– групни помилувања, кои се случуваат двапати годишно, за 2 Август – Илинден и новогодишните празници. За групните помилувања предлозите пристигнуваат од казнено-поправните домови.
И за групните, како и за редовните помилувања, предлозите преку Министерството за правда се доставуваат до Комисијата за помилување, која дава мислење до претседателот а тој потоа одлучува за секој случај поединечно.