Претставници на МПЦ-ОА меѓу верските лидери на приемот организиран од Џасинта Алан

Минатава среда во организација на Џасинта Алан премиерката на Викторија, во Мелбурн се одржа свечената „Victorian Christian Communities Dinner 2026“, на која присуствуваа претставници на христијанските и другите верски заедници.

На настанот, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија беше претставена од отец Гаврил и јереј Климент Станковски, кои беа единствени поканети претставници од македонската православна заедница.

Свечената вечера се одржа во „Centrepiece Conference Centre“ во Мелбурн и собра бројни политички претставници, верски лидери и претставници на различни христијански заедници. На настанот присуствуваше и министерката за мултикултурни прашања на Викторија, Ингрид Стит, а во своето обраќање премиерката Џасинта Алан ја нагласи важноста на верските заедници во зачувувањето на духовните и семејните вредности, како и нивниот придонес во градењето на хармонично и мултикултурно општество.

Средбата претставуваше можност за афирмација на духовните вредности, меѓусебното почитување и значајниот придонес што верските заедници го имаат во општествениот живот на Австралија и во градењето на меѓусебната доверба и соработка меѓу различните култури.

Во име на македонската православна заедница, претставниците на МПЦ-ОА изразија  благодарност до Владата на Викторија и до премиерката Џасинта Алан за покажаната почит, вниманието и препознавањето на улогата што македонската заедница ја има во австралиското општество. Тие истакнаа дека македонската православна заедница со децении активно придонесува во духовниот, културниот и општествениот живот на Австралија, зачувувајќи ги македонските традиции, јазик и вера меѓу новите генерации.

Поканата и присуството на претставниците на МПЦ-ОА на овој значаен настан претставуваат уште едно сведоштво за видливоста, угледот и почитта што македонската православна заедница ги ужива во Австралија, како и потврда за нејзиниот значаен придонес во мултикултурниот развој на Викторија.

Ваквите средби потврдуваат дека верата, дијалогот и заедничките вредности продолжуваат да бидат мост на единство, разбирање и соработка меѓу народите и заедниците, особено во современото мултикултурно австралиско општество. 

Останати вести