Медицински досиеја на осум пациенти кои биле оперирани заради кардиоваскуларни проблеми во приватните болници се под лупа на комисијата на Министерството за здравство – дали биле направени без потреба, само за профит.
По наводите на кардиологот Сашко Кедев дека во приватното здравство се правеле операции на срце без медицинска оправданост, само за пари, комисијата од започнува со проверките.
Досиејата за кои постојат сомневања се доставени од лекари од државна болница, а освен комисијата, министерот за здравство побарал стручен надзор да изврши и лекарската комора.
Во меѓувреме комплетирана е и странската комисија. Експерти од Словенија, Италија и Австрија ќе треба да го утврдат финалниот извештај.
И додека комисиите ќе ги проверуваат операциите во приватните болници, државната кардиохирургија се соочува со алармантен одлив на анестезиолози. Недостигот од овој кадар може да го намали интензитетот на вршење операции. Директорот на Клиниката, д-р Дејан Димитровски, потврди дека голем дел од анестезиолозите заминале во приватните болници, а дел пак и во странство.Засега нема застој на операции, но веќе се алармирани и здравствените власти за состојбите.
Министерот Алиу најави дека државата и за овој проблем ќе бара помош од Словенија – од таму да доаѓаа доктори во Македонија на времен престој од три до шест месеци (анестезиолози Словенци но и веќе иселени Македонци).