Пропадна обидот за нов Изборен законик – кој има најмногу полза од тоа?

Недонесувањето на новиот Изборен законик е јасен доказ дека СДСМ, Левица и ДУИ се подготвени да го блокираат секој процес што значи напредок за државата, исклучиво заради сопствени политички калкулации, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение во кое воедно ја обвинија опозицијата за директна опструкција на државните интереси.

„Однесувањето на СДСМ, ДУИ и Левица покажува дека кога имаат можност да придонесат за закон кој е во интерес на сите, тие избираат да создаваат политичка драма во која се претставуваат како жртви. Граѓаните треба да знаат кој го кочи развојот и кој работи против реформите. Пропуштената можност за навремено усвојување на Изборниот законик значи и ризик од губење на дополнителни средства од 4 милиони евра од ЕУ и можности од Планот за раст“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека Изборниот законик не е прашање на дневна политика, туку клучен реформски процес неопходен за усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за исполнување на обврските од Реформската агенда и оти власта успешно реализирала девет од вкупно десетте предвидени реформи, а единствената пречка за целосно заокружување на процесот е токму блокадата на Изборниот законик.

Левица: Не пропаднаа 4 милиони евра – ДПМНЕ и СДСМ си обезбедија 10 милиони за политичка пропаганда

Со истекот на рокот за донесување на новиот Изборен законик, власта повторно ја убедува јавноста дека Македонија изгубила околу 4 милиони евра европски средства поради Левица. Но, целосно се премолчува една многу поважна последица од пропаѓањето на реформата. Со тоа што останува во сила постојниот Изборен законик, повторно останува и системот на платено политичко рекламирање, преку кој најголемите политички партии ќе поделат околу 10 милиони евра јавни средства, а за нашата партија со 6 пратеника нема ни цент, па дури ни е забрането и да се рекламираме – реагираат од Левица.

„Во текот на целиот процес, ние бевме единствената партија што доследно инсистираше на суштинските изборни реформи – една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање. Наместо да се разговара за темите од лидерската средба и поради кои беше формирана Работната група, теми кои претставуваат вистинска демократизација на изборниот процес, ДПМНЕ во самиот финиш ја отвори темата за гласањето на дијаспората и ја прогласи за своја единствена црвена линија. Прашање што воопшто не беше предмет на четиримесечната работа на Работната група.

Особено лицемерно е што токму една изборна единица беше едно од клучните ветувања на ДПМНЕ. За неа говореше и самиот Мицкоски, а е запишана и во програмата на партијата. 

За да не дозволи суштинските реформи повторно да пропаднат поради политички условувања, Левица понуди компромис. Прифативме гласањето по пошта да се примени за претседателските избори, доколку ДПМНЕ прифати една изборна единица. Со тоа падна во вода единствениот изговор дека токму дијаспората е пречката за нов Изборен законик.

Откако ДПМНЕ ја префрли одговорноста врз опозицијата, Левица ја презеде иницијативата и ги повика сите опозициски политички субјекти на координативна средба за усогласување на ставовите околу една изборна единица. СДСМ одби да присуствува, без притоа да каже дали воопшто сè уште стои зад сопствените долгогодишни заложби за една изборна единица.

Затоа – нема нов Изборен законик. Нема една изборна единица. Нема укинување на платеното политичко рекламирање. Останува истиот изборен модел што со децении создава изгубени гласови, непропорционална распределба на мандати и финансиска предност за најголемите политички партии.

Нашиот став беше јасен – ако нема еднакви услови за сите политички субјекти, тогаш не треба да има платено политичко рекламирање за никого. Или еднакви правила за сите, или јавни пари за никого.

Ако со пропаѓањето на новиот Изборен законик повторно остануваат шесте изборни единици што ги фаворизираат најголемите партии и системот преку кој истите тие партии ќе поделат околу 10 милиони евра за платено политичко рекламирање, тогаш кому навистина му одговараше да нема изборна реформа?“, прашуваат од Левица.

Од партијата додаваат дека истекот на рокот не ја ослободува власта од одговорност. Според нив, нов Изборен законик може да се донесе и утре, доколку постои политичка волја.

Останати вести