Протести во Мелбурн: Градежните работници бесни на владата на Даниел Ендрус

Викториските градежни работници најавуваат дека повторно и во поголем број ќе излегуваат на улица бесни зашто е затворена индустријата за наредните две недели. До ова дојде откако владата на Ден Ендрјус наложи дека на градилиштата можат да работат само вакцинирани работници. Бидејќи имаше дел од работниците кои не сакаат да се вакцинираат, тие во понеделникот направија протест пред седиштето на синдикатот CFMEU кој заврши со насилство. Тие го поставија прашањето зошто не им се забранува работа на невакцинираните во сите други дејности: медицински лица, наставници по школите, во домовите за згрижување на стари лица… Оваа фрустрација се надоврза на официјалниот план за излегување од рестрикциите кој ги разочара жителите на Викторија, бидејќи е многу поконзервативен во однос на планот во Сиднеј. Да потсетиме дека Мелбурн е град кој е убедливо најдолго во локдаун.

И уште вечерта од владата донесоа хаотична одлука да се затворат сите градилишта на две седмици, што директно опфати 320.000 луѓе. Се слушнаа коментари дека ова може да значи и почеток на крајот на кариерата на Даниел Ендрус како водач на лабуристите во државата, бидејќи градежниот синдикат е најголемиот финансиер на оваа партија. Затоа и наредбата на полицијата е да бидат повеќе толерантни со овие демонстранти и да не ги апсат како што тоа го правеа на другите протести за време на пандемијата.

Веќе неколку денови се случуваат насилни судири во градот и се чувстува дека власта ја губи контролата на ситуацијата. Органите за безбедност се сомнително повлечени и не реагираат доколку нема за тоа апсолутна потреба, притоа толерираат собир на голем број на луѓе без маски. За време на претходните протести, кои не беа од синдикатот, полицијата апсеше и го затвораше сообраќајот не дозволувајќи пиле да прелета.

Неколку илјади градежните работници во вторникот повторно излегоа да протестираат и направија тотален хаос низ Мелбурн. Тие го затворија мостот “Вест Гејт“ марширајќи по прометниот автопат. По неколку часа поминати на мостот, демонстрантите се вратија кон градот и следеа напнати сцени кога полицијата се судри со нив. Летаа предмети во воздухот, се кршеа коли и настапија специјалците за брза интервенција.

Мнозинството од јавноста ореку коментари на социјалните мрежи го осудија насилното однесување, како и дека ова не е начин да се добие посакуваната слобода.

Полицискиот комесар на Викторија, Шејн Патон, потврди дека полицијата дента користеше бибер спреј, пендреци, чадни бомби и гумени куршуми. Тројца полицајци и еден новинар се повредени од насилните демонстранти. Уапсени се 44 лица и се очекува дека ќе се уапсат уште многу други.

Останати вести